Зелено светло за разгледување на предлог законот за спречување на корупција и судир на интереси и во Комисијата за европски прашања, дадоа пратениците на денешната пленарна седница во Собранието.
Расправата и по овој предлог закон не помина без препукување од собраниската говорница меѓу власта и опозцијата.
Причина за дополнителните негодувања на ВМРО -ДПМНЕ по овој закон, освен 37 поднесени амандмани, меѓу кои за членот што предвидува увид во финансиите на политичките партии, беше образложението на министерката за правда Рената Десковска запотребата од негово донесување по скратена постапка.
Во нејзиниот говор таа обвини дека на некои политички партии не им одговара носењето на овој закон. На ова реагираше кординаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој рече дека нејзините обвинувања се несриозни. Мицевски, меѓудругото потенцираше дека забелешката се однесува и на тоа што се става европско знаменце при носењето на овој закон.
Според плановите законот треба да се изгласа пред 8 февруари, датум предвиден за распишување на претседателските избори, како што најави претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Б. Ј.