Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори бара од надлежните институции итно да расправаат за забраната за употреба на хемиската материја „бисфенол А“ или БПА која ја има во хартијата на која се печатат фискалните сметки.
„Оваа штетна хемикалија е утврдена како предизвикувач на сериозни здравствени проблеми како срцеви заболувања, дијабетис, неплодност, рак на дојка и простата, хормонски и ендокринолошки заболувања, а претставува и голем ризик за здравјето на децата. Бисфенолот А е една од најкомерцијално достапните хемикалии што се користат во производството на термичка хартија како развивач на бои. Согласно истражувањата, концентрацијата на бисфенол А во фискалните сметки е до 40 пати поголема од дозволената и се движела од 0,62 до 0,91 отсто, а според стандардите дозволено е само 0,02 отсто“, велат од ССК.
Препораката на Комората на сметковидители е во најкраток рок по примерот на ЕУ да се забрани употребата на оваа хемиска материја и да им се даде рок за државните институции, приватниот сектор и трговските објекти да ги заменат артиклите кои содржат штетни материи со нови кои не содржат вакви материи.
Забраната за употреба на оваа материја во Европската унија стапи на сила од 1 јануари и засега таа подразбира само нејзино исклучување од термичката хартија, односно дека не смее да биде повеќе од 0,02 проценти. Во соседна Србија забраната ќе почне да се применува од јули годинава.
Препораките на здравствените организации се веднаш по контакт со фискални сметки да се мијат рацете, да не се ставаат сметките во кесите со храна, да не се дозволува децата да доаѓаат во контакт со фискални сметки, а доколку на работно место редовно сте во контакт со фискални сметки да се носат ракавици.