Комората на сметководители бара одлагање на крајниот рок за поднесок на извештаите за даночниот биланс, предвидени до 31 Март и продолжување на рокот за поднесување на годишната сметка до Централниот регистар, без оглед на начинот на кој е поднесена дали електронски или во хартиена форма. Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на КСМ истакна дека пред два дена испратиле допис до УЈП и добиле повратен одговор дека ќе се разгледаат сите можности за пролонгирање на роковите за да не настанат проблеми од ненавремено поднесување. Причината ја посочува во доцна објавените обрасци од страна на Министерството за финансии.
– Навременоста е еден од главните ограничувачки фактори за обезбедување на веродостојни и релевантни ифнормации. За споредба во соседните земји, на пример во Бугарија и Србија, извештаите се поднесуваат до 30 Јуни, во Германија до 31 Март за средните и големи ентитети и 30 Јуни за малите и микро претпријатија, во Франција и Шведска до 31 Јули – изјави Грозданов и појасни дека доколку долгорочно се профати предлогот на Комората и се пролонгира законскиот рок за поднесок на годишна сметка, тоа ќе повлече и пролонгирање на роковите за поднесок на даночни биланси, ќе се избегнат ситуации на работа под екстремен притисок и ќе го зголеми квалитетот на даночното и финансиското известување. Александра Андреева, пак, член на Управниот одбор вели дека е неопходно уредување на целокупниот даночен систем со цел зголемување на ефикасноста и ефективноста во работењето.
П.К.