Целата процедура околу средствата од унгарскиот кредит наменети за компаниите, според најавите на надлежните, треба да заврши до крајот на овој месец. Во вторник на владина седница се очекува да помине договорот по што ќе се потпише договорот со банките и практично со тоа парите од заемот треба да станат оперативни.
Договорот, како што вчера изјави премиерот Христијан Мицкоски, е финализиран и се очекува во вторник на владина седница да помине.
– Се надевам дека до крајот на месецов се ќе биде завршено, ќе се потпише со банките и ги повикувам економските оператори да подготват проекти и да аплицираат за да ги добијат кредитите од комерцијалните банки, изјави Мицкоски при посетата на општина Петровец.
Парите првично требаше да бидат оперативни до крајот на минатата година. Одоговлекувањето, како што вчера изјави премиерот, било поради тоа што е проширен опфатот на компании кои ќе може да аплицираат, поточно, освен за нови производствени капацитети и нова опрема, средства од унгарскиот заем ќе може да бидат доделени и за обновливи извори на енергија, како и за објекти кои компаниите ќе се користат како административни згради.
Од Стопанската комора на Македонија во понеделникот на прес-конференција посочија дека успеале во намерата голем дел од компаниите да учествуваат во добивањето на кредитот.
Од унгарскиот заем, 250 милиони евра се наменети за компаниите. Компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ што можат да го добијат е 10 милиони евра. Фирмите кон банките ќе плаќаат каматна стапка од 1,95 проценти, грејс периодот е три години и 12 години рок на отплата.
Договорот за кредитот од вкупно 500 милиони евра, во име на Владата, беше потпишан на 8 октомври во Будимпешта од страна на министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска со унгарската Експорт-импорт банка, пренесе МИА.