Ситуацијата на Косово, начинот на кој денес се известуваше, се споделуваа вести, се коментираше, а богами и прилично се потпалуваше меѓунационална омраза, се ширеа свесно и масовно лаги и полувистини на оркестриран начин – во медиумите, особено на порталите и социјалните мрежи, кај влијателните јавни личности – е уште еден пластичен приказ и доказ, во само еден ден, за нашата состојба.
И тоа не само на меѓуетнички план, туку и за квалитетот со кој нашата јавност може да одговори на вакви сериозни предизвици. Почнувајќи од фактот што за ситуација, која што е на два часа возење со кола, известувачите од македонските медиуми не можеа да се избројат ни на прстите од една рака.
Најважното што го видовме – Повторно, се ицртаа истите линии на „фронтот“ што го гледаме за речиси сите важни општествени прашања.
На едната страна – насилниците, националистите, мразачите, хушкачите, структурите кои постојано, секој ден се бават со масовна манипулација и лажење на јавноста – истите политички структури, истите медиуми, истите јавни личности, истите фејсбук и твитер страници, профили, анонимни ботови…истите пропагандистички трикови пуштени на максимум.
На другата страна – рационалните, нормални луѓе кои не сакаат да живеат во страв, насилство, омраза, кои сакаат пристојна живеачка и добар однос со соседите, големо мнозинство, кое за жал, живее во општество каде насилството, вербално или физичко, масовните манипулации, свесното и дрско лажење и стрвење на јавноста кое може да доведе до сериозни последици – поминува неказнето.
Обидете се низ призмата што ви ја нуди младиќот, драги мои, да го погледнете денешниот ден. Добро прочитајте што велат сериозни медиуми, политичари, интелектуалци со широки погледи, и добро прочитајте што ви велат оние што, не само за ова туку и за многу други прашања, шират свесно и тенденциозно омраза и лаги.
Тоа што излегува од секого е огледало на вредностите што сите ние ги поседуваме.
Потоа, прашајте се во каква земја и свет, на крајот на краиштата, сакате да живеете. Свет на насилство, омраза, лаги, сиромаштија и назадување, или свет на соработка, пријателство, солидарност и напредок.
И за едното, и за другото, треба работа. Криминалците и насилниците очигледно соработуваат, преку етничките бариери, за да создадат етнички бариери и конфликти. Затоа што – тоа е амбиентот во кој најлесно и најмногу заработуваат. Ех, кога би можеле прогресивните сили во општествата, кај нас, на Косово, на Србија, на Балканот воопшто, да соработуваат и дејствуваат со таква посветеност и креативност за убави работи, каде би ни бил крајот…
#AluminiumToTheMaximum
#NieSmeLudaci
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.