По минатонеделните протести во Тетово против постоењео и изградбата на казина и други објети за игри на среќа во градот и во близина на училиштата денеска и Либералната партија се огласи со барање за затворање на сите казина и спортски обложувалници во населени места.
„Либералната партија ги охрабрува Владата и Министерството за финансии, по примерот на нашиот западен сосед Република Албанија да направи измени во Законот за игри на среќа и забавни игри. За таа цел потребно е да ги укине активностите на електронските игри на среќа (слот машини) во населените места.
Ваквите појави не одат во прилог на градење здрава нација и држава. Затоа бараме да се затворат сите казина и спортски обложувалници кои сега се наоѓаат во огромен број на главните улици низ градовите и селата во Македонија, и блиску до образовните институции. Предлагаме спортското обложување да се одвива само на интернет платформа, а казината да бидат достапни само во хотелите од висока категорија, или во зони на најмала оддалеченост од неколку километри од населените места“ се вели во соопштението на Либералната партија.
Минатата недела во Тетово беа организирани протести против новиот закон на Министерството за финансии.
Протестите беа организирани од Движење против коцкањето (Lëvizjes Anti-bixhoz), коишто побараа од пратениците да не го гласаат предложениот закон на Министерството за финансии со образложение дека ќе имаат политичка одговорност доколку го одобрат законот.
„Уште еднаш, јавно ќе ги повториме нашите барања: Преместувањето на објектите за игри на среќа во оддалеченост од 3 км. од секое населено место. Денеска од тука им порачуваме на пратениците да не го изгласаат предложениот закон од Министерството за финансии, којшто закон го олеснува функционирањето на бизнисите и игрите на среќа, осиромашувајќи ги уште повеќе граѓаните“, изјави Џемал Абдиу од Движењето протв коцкање.
На протестите присуствуваа и претставници на исламската заедница во Тетово, како и на тетовско-гостиварската епархија. Тие ги повикаа граѓаните да ги спречат овие негативни појави во општеството, коишто највеќе им штетат на младите. „Сите вие што сте денеска присутни, ова е показател за вашата сериозност и решителност во спречувањето на негативните појави во нашето општество, посебно во градењето на новите генерации“, изјави Ќани Несими, тетовскиот муфтија.
Претставникот на Православната Македонска Црква рече дека коцката е едно од најголемите пороци на денешнината.
„Тетовската и Гостиварската епархија ги поддржуваат овие протести. Ако кон нешто можеме да се приклучиме, тоа е во спречувањето на најголемото зло на овој век и свет, а тоа е коцката, или комарот“, изјави Александар Стојановски од Тетовско гостиварската епархија.
На протестите присуствуваше и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Д. Т.