Новоизбраниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски денеска ги презеде функцијата и кабинетот од досегашниот премиер Зоран Заев.
Премиерот во заминување Зоран Заев на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, нему и на министрите им посака успех во работата и исполнување на програмата и приоритетите на новата Влада за наредниот период.
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски му се заблагодари на неговиот претходник Зоран Заев за исклучително позитивните остварувања во претходните два мандати и за поддршката во процесот на формирањето на новата Влада.
Новата Влада предводена од Ковачевски беше избрана синоќа во Собранието со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани.
Владата на Ковачевски брои 21 член – од СДСМ 11, ДУИ шест, Алтернатива тројца и еден министер од ЛДП. Во новиот владин кабинет има еден член повеќе од досегашниот и тоа министер без ресор, со кое ќе раководи кадар од Алтернатива.
Во експозето пред пратениците Ковачевски рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој најави зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата, како и реформи во образованието и посочи дека сега не се потребни нови избори. За спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот.