Александар Кржаловски од Македонски центар за меѓународна соработка за ЦИВИЛ Медиа вели дека има капацитет и време да се промени изборниот модел со само една изборна единица, но нема политичка волја, особено кај водечките партии.
„Освен СДСМ и претседателот на партијата Зоран Заев, изјавија дека се согласни за промена на изборниот систем да се сведе на една Изборна единица, која теоретски би требало да им одговара на помалите партии, но не верувам дека и тие искрено го мислат тоа, а уште помалку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои веќе изјавиле дека е доволно времето да се менува изборниот законик, иако сме имале ситуации кога се правеле промени и во пократок период пред избори. Така што, ако се сака секако дека ќе може да се стигне, но не гледам дека има волја во овој период.
Кржаловски прашува зошто до сега не се разговарало за тоа кој изборен модел е најдобар за нашата земја иако имавме доволно време во изминатите 2.5 години.
„И овој систем одговара условно речено за поголемите партии, бидејќи можеби ги елиминира тие што можат да соберат на национално ниво околу 20-30 илјади гласови, што би требало да донесат 2-3 пратеника, ама ако се распоредени низ сите 6 изборни единици можеби нема да имаат ниту еден пратеник, како што имало случаи досега.
И да биде една изборна единица, разликата ќе биде околу 5-6 пратенички места, така што разликата нема да биде нешто драстична.
Гледам се заговара и мнозински систем, кој на некој начин гледано од програмата на ЦИВИКА Мобилитас и граѓанското општество, можеби е најсоодветен за да ја држи врската на граѓаните со пратеникот. Пример во Британија се знае кој граѓани го избрале пратеникот и може да го отповикуваат на одговорност. Сега не знаеме кој е нашиот пратеник и дали има таков. Така се губи директната врска, отчетноста и одговорноста на пратениците, бидејќи тие одговараат на партиите, а не на самите граѓани кои ги избрале, вели Кржаловски.
Но, дали и тој модел е добар исто така е дискутабилен, бидејќи е редок во сите парламентарни демократии на запад, тоа го има само во Велика Британија и делумно во Америка.
Тој истакна дека не гледа волја за промена, но, додава дека можеби месец-два пред избори ќе се појави волја и ќе бидеме сведоци на промена, пред навистина да биде предоцна.
Дехран Муратов
Камера и фотографија: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети