Пишува: ХУСЕИН ЕФ. АДЕМИ
Во март годинава напишав текст со наслов: „Аушвиц иднината на муслиманите“ и го проследив до уредништвото на Civil Media мислејќи дека кај читателската јавност ќе помине онака критички, позитивно, бидејќи се обидов во таа моја кратка анализа да дадам осврт, како исламски теолог, на опасностите кои со себе ги носи десната политичка опција за муслиманската популација во Европа. Но, испадна дека, како се чини, не бев баш најдобро разбран од некои читатели бидејќи поитаа со свои тешки коментари да ме осудат за некаков „таен елемент“ во рацете на некоја глобална терористичка мрежа или пак можеби сум бил ситен инструмент во рацете на големите сили управувани преку идеологијата на Сорос којшто директно му наредил на почитуваното и одважно уредништво да ми го објави текстот. Не знаев дека сум толку важен. Глупост.
Тој текст требаше да биде порта кон осознавањето на нешто ново во нашава С. Македонија и да создаде, барем за момент, чувство на загриженост кај нашите сограѓани за страдањата кои човекот невино и насилно ги трпи без оглед на која религија или нација и припаѓа. Ако на Блискиот Исток и во Бурма страдалници се исклучиво муслиманите, кој може да каже идека на некое друго место во светот, закржлавените терористи на ИСИС подоени со радикални идеи за исклучивост и чистота на замислената муслиманска заедница, не убиваат невини немуслимани? Тоа може да го тврди само ноторен идиот!
Проблемот е во тоа како ние како свесни и совесни граѓани на оваа планета треба да го дадеме нашиот придонес во зачувувањето на светската заедница од разни пробисвети, клошари, воени профитери, политички битанги и радикални верски свештеници, попови и оџи, за од иднината да не ни направат пекол во кој ќе страдаме сите ние заедно, без исклучок. Како ние да се изградиме во зрела и навистина културна заедница која во себе ќе гаи широкоградост кон тој што или не може, или не му допуштаат да се изрази во јавноста или едноставно, агендата е таквиот да остане нем и со врзани раце и нозе без никаква вина.
Како е можно до сега да немаме општествен едукативен систем на комуникација преку кој ќе ги изнесеме своите верски, национални и традициски различности или пак, како по правило, на политичарите ќе им дадеме потполна подршка и доверба тие тоа да го прават наместо нас, а сите знаеме како лошо и глупаво тие се снаоѓаат во тие води.
Ужасниот пожар во прекрасното здание на Нотр Дам некои исламофобични јадници во македонската јавност преку свои медиуми се обидоа да го прикажат како „враќање на исламскиот радикализам во Европа“. Тоа е онаа стара медиумска гарда на ДПМНЕ. Погледнете го само дневникот Вечер, превод и бледа копија на српските весници на автократот Вучиќ, како во континуитет објавува потполно лажни и измислени „вести“ за фантомскиот исламски радикализам кај нас и за опасноста од исламизација на Балканот?! Погледнете само како дрско и безобразно „пренесуваат“ вести дека е пронајден примерок на Куран кој датира 300 години пред појавата на исламот!? Ако тоа не е исламофобија…. Пласираат вести од пред 25 години со кои ја оправдуваат сегашната сепаратистичка политика на Додик во Р. Српска, политичка творба изградена врз темелите на првиот геноцид на територијата на Европа по завршувањето на Втората Светска војна. Тоа се, драги мои, пеколни рецепти за нови воени конфликти од кои сите, не дај Боже, ќе страдаме.
Апелот е, барем овде кај нас во ова наше напатено парченце земја во кое политичарите и верските лидери упорно глумат лудило – ние народот, сите заедно да бидеме многу поотворени, порелаксирани, посоработливи, потолерантни и да знаеме дека убавината на овој живот не треба да си ја уништуваме со верски фанатизам или радикален национализам, бидејќи за сите нас има место под ова Божјо небо.
Нашиот најголем непријател е нашата умствена затапеност и стравот од потполна отвореност кон другиот, со поинаквиот. Тоа се вика кукавичлук, а сите добро знаеме дека страшливците за да се заштитат себеси од имагинарната опасност, секогаш први напаѓаат и секогаш први се повлекуваат од бојното поле, но, со полни џебови!
Зошто сето ова го пишувам сега? Па ете, тропаме на вратата на Европа и чекаме дата за преговори. Толку.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.