Скопје не може да се пожали со недостаток на културни настани, дали се тоа изложби, музика, театар или филм, секогаш има нешто што може да се посети.
Минатиот викенд по четврти пат се одржа Алтернативно Скопје, во Младинскиот Културен Центар, каде настапија повеќе млади и алтернативни бендови. Во разговор со организаторот на овој настан, Димитар Тодороски, за тоа каква е ситуацијата со просториите за алтернативната култура во Скопје, тој изјави дека МКЦ како институција ја третира онаа вистинска култура и дека работи со неверојатно темпо.
Во однос на моменталната музичка сцена, тој вели дека македонската алтернативна сцена има еден нов музички бран, и дека младите бендови почнуваат цврсто да се етаблираат на музичката сцена.
„Но и поискусните бендови не седат со заврзани раце, и тие творат. Некако почнуваме да наликуваме на нормално општество. Бидејќи и најголемите медиуми што речиси една декада беа неми, почнуваат да даваат простор за култура. Се надеваме дека со упорната работа ќе се постига уште поголем успех во наредните години. Зошто пред сè, културата е насловната страна, на секое општество“, вели Димитар.
За таа цел, одвојуваме некои културни настани кои ќе се одржат викендов во Скопје:
Вечерва во Младинскиот Културен Центар во Скопје, со почеток од 20 часот, ќе се отвори изложбата на Иван Ивановски, насловена „Симптоми“, и истата ќе биде отворена за посетителите до 17 јули.
„Симптоми“ е насловот на серија цртежи, слики и скулптури во кои Иван Ивановски го третира себството како темелно конструиран субјект, создаден и одржуван од мрежи на културни, историски, интелектуални и морални дискурси кои ги манифестираат односите на моќ во капиталистичкиот поредок.
Во Менада, во старата скопската чаршија, ќе се одржи промоција на 3 видео записи, со кои се заокружува видео приказната на „Соголи ме“, последниот студиски албум на Стринг форсис.
Во Че Кафе бар, вечерва со почеток од 22 часот, гостите ќе ги забавува Бојан Чакра, со звуците на фанк, свинг, соул, џез, блуз.
Sethstat и Fighting Windmills ќе настапат вечерва со почеток од 22 часот, во просторот Сули Ан, во рамките на фестивалот „Скопско Лето 2018“. Билетите за концертот може да ги набавите во Југотон Рекордс, по цена од 200 денари.
Вечерта ќе заврши со слушачката промоција на најновиот албум на Drake, насловен “Scorpion”, во клубот Епицентар.
Во петок, во рамките на фестивалот „Скопско Лето 2018“, ќе се одржи балетската претстава „Либертанго“ во Македонска Опера и Балет, со почеток од 20 часот.
Во 21 часот, во Јавна Соба, ќе се слушаат македонски шлагери, тема која се негува веќе некое време.
На полноќ, во клубот Епицентар, ќе настапат дџ-ите Bleak, а како локална поддршка ако локална поддршка ќе настапи Stojche. Влезот за овој настан е 300 денари.
На 7 јули, во сабота, во Јавна Соба, со свој дџ-сет ќе настапи Еми Ермилова, каде ќе има премиерно коктел забава по летна цена од 100 денари.
Во Капан Ан, во старата скопска чаршија, со почеток од 23 и 30 часот, издание на проектот Македонски психоделии, ќе се одржи транс-забава посветена на GMS. Ќе настапат дџ-ите Dare, Soundkillah, Humanoid, Reblock и Liquid Illusion. Влезот ќе чини 200 денари.
Ангела Петровска