Добро востановената традиција на скандали во Министерството за култура, особено кога станува збор за Годишните програми, продолжи и годинава со подеднакво, па дури за нијанса и засилено темпо.
Да бидеме искрени до крај, нема потреба од сета оваа еуфорија околу објавените резултати на Министерството за култура, доста е од тапани после свадба… Не се работи тука за етнички проблем или поделба, проблемот е многу поширок и покомплексен. Од драстичното намалување на средствата наменети за култура во Буџетот на Република Македонија, преку продавањето на министерските столчиња како трофеи за некои „повисоки“ цели, до основното поимање на културата во земја во која повеќе од половина население е функционално неписмено!
Да, и ова што деновиве ни се случува е дел од нашата култура, затоа што традицијата е дел од културата, а за волја на вистината, сите министри кои се изнаредија од формирањето на ова Министерство и тоа како се погрижија да ја негуваат оваа традиција…
Еден пријател (Албанец, колку да ја доловите поентата) на Фејсбук напишал: „Вака како што се чувствуваат најголем дел од сограѓаните Македонци за конкурсот во Култура, Албанците се чувствувале од 1945 до пред неколку години“. И му верувам дека е така. Но, што поѓаволите е поентата на муабетот? Така ви е?! Или, можеби, еве да видите како е?! Не! Поентата е дека никој, па макар бил и од Марс, не треба да се чувствува така, ни тогаш, а ни сега!
Друг, пак пријател (Македонец, нагласувам од веќе познати причини) вели: „Директори на театри и на други институции во културата… Македонци, Турци, Роми, Бошњаци, Власи. Ако има останато барем малку пркос во вас и достоинство, бојкотирајте ги средствата дадени за проектите во 2019 кои и онака се помали од минатата година поради дискриминаторска поделба на истите, по албански етнички клуч. На тоа дивеење еднаш мора да му се стави крај. Бојкот. Вратете им ги парите од сметка. Претставите правете ги на гола сцена. Вака едно општество за сите не се гради. Ова е апартхејд“.
Сакам да прашам, а Албанците зошто не се повикани? Сметате дека сите се задоволни? Е па не се! И тоа многу добро го знаете, особено оној што го напишал коментарот од погоре, затоа што е и бил сведок на константно поддржување на една група на „Албанци за универзална упореба и за секаков повод“ само за да пополнат бројка!
Зарем е возможно дека толку се соживеавме со практиките на неспособните, што дозволивме да станеме дел од нивната реторика? И додека се убедуваме себе си и останатите кој е повеќе оштетен во целата оваа драма финансирана од нашите пари, оние коишто се одговорни обидувајќи се да ја сокријат својата неспособност и коруптивност, повторно ги нарушија меѓуетничките односи во нашето општество, кое, патем, е на сите и без помпезните владини најави и ветувања дека допрва ќе ни го изградат!
Слушам, на министерот не му била света функцијата министер. Мислам дека е време да покажеме колку навистина нам ни е света културата! Сите заедно! Или, едноставно, да се помириме со судбината и да читаме за демолираните сали, искинати хулахопки и остатоци од кокаин, настан, кој, за жал, е еден од оние кои ја одбележаа минатата година…
фотографијата е преземена од Фејсбук