И по кој знае кој пат ми се згмечи душата.
Фотографии кои осамнаа на интернет, фотографирани од Кристијан Караџовски од меѓународната невладина организација „Културно ЕХО“ демонстрираа како салата Партизан во скопската населба „Карпош 3“ пропаѓа, буквално се распаѓа. Дувло да кажам дека е, е мал збор, а, она за тоа како треба ја окарактеризирам сметам дека и нема соодветен збор. Можеби дно – дна, но и тоа е малку. Под тоа е. И, искрен да бидам не сакав да ги објавам на фејсбук фотографиите на Кристијан. Долго седев затворен во мојата работна соба и гледав во фотографиите кои беа на мониторот на мојот компјутер. Можеби и повеќе од половина ден. Седев и ништо не пишував. Само гледав во фотографиите.
Ме заболе душата уште повеќе и од причина што претходната вечер директорите на ИнАрт фестивалот за улична уметност и театар Бојан Терзиќ и Љубо Каличанин, кој, патем, се случува на територија на Република Црна Гора, односно во градовите Подгорица и Тиват побараа од мене во оваа 2019 година да бидам светски амбасадор на истиот тој фестивал.
Да сме на јасно, не ме болеше душата затоа што ми ја понудија оваа амбасадорска улога, напротив, пресреќен бев за тоа, ме болеше душата што во оваа 2019 ќе одам некаде на друго место, во друга држава, да помагам за развивање на културниот и урбаниот живот и тоа во два градови, а, тука, во Скопје, каде што најмногу припаѓам и најмногу сакам да придонесам за развивање на истиот, гледам како сè се распаѓа и да е трагедијата уште поголема, не можам да направам ништо по тоа прашање.
Токму салата Партизан во Карпош 3 беше капката којашто ја прели чашата кај мене. И од денес престанувам да ве штедам.
Не сакав да си го извалкам ѕидот со гнасна вест, онаква каква што гледав во фотографиите на мојот монитор. Јас, а и многумина како мене илјадници пати до сега сме се нуделе да помогнеме што се однесува до тоа во која насока треба да се развива градов во урбана и артистичка смисла, а и како да се разиграат / развијат распаднатите сали, фабрики, простори итн.
Секогаш, за жал, сме налетувале на партиски жив ѕид. Никогаш не сфатив зошто толку им пречи кога некој човек – единка или организација која се занимава со развивање на урбаното и културно живеење на овој град и кој сака да му помогне на градов, секогаш, буквално секогаш налетува на тој жив ѕид. Имам чувство дека мисловната матрица им е така создадена што веднаш внатрешно им се создава една фраза која им вели дека, еве сега овој или овие ќе ми го земат лебот, ќе ми ја земат работата.
Да е иронијата уште поголема тоа е истиот оној леб кој е платен од наши пари, со кој се тие платени, еве прост пример, салата Партизан во Карпош 3 да не дозволат да се распаѓа, да ја чуваат, одгледуваат, развиваат. Напротив, тие се однесуваат уште пострашно, оставаат да се распаѓаат објектите за кои ние тврдиме дека може и тоа како да му ја вратат насмевката на градов наш. И, да, за крај на овој пасус, ако сметате дека некој има подобри идеи од вас и е поспособен од вас да биде на позиција на која ќе прави добра за овој град тогаш отстапете му го местото за да направи нешто добро. Со тоа што само седите таму и ништо не правите, веројатно знаете дека сте само поголема штета за градов, одошто сте корист. Бидете доблесни. Барем еднаш.
И после тешка внатрешна борба во која се борев сам со себе, на крајот сепак не додржав, а да не напишам текст. И навистина немаше да го напишам, но, во моментот кога видов дека салата Партизан е донација од Република Франција во пост земјотресно Скопје, е тоа ми ги набабри жилите на вратот и ме испоти од нервоза. Напишав краток текст на оваа тема.
Сепак, се чувствувам одговорен кога е во прашање социјалниот, урбаниот и културниот живот во овој град и од тие причини одлучив да ја споделам оваа вест јавно и да го видам јавното мислење какво е што се однесува по ова прашање, но и да ги согледам сите сугестии кои луѓево наши ќе ги дадат на оваа тема. Напишав: Ова е салата Партизан во населбата Карпош 3, донација од Република Франција која по катастрофалниот земјотрес кој го снајде Скопје на 26 јули 1963 година, одлучи да одвои средства од буџетот на граѓаните на Франција и да му помогне на нашиот град што побрзо да закрепне од тешката траума.
Да повторам, бидејќи очигледно нешто не разбирате.
Другари, некој ни помогнал кога ни било најтешко, односно донирал финансиски средства од сопствениот буџет за да се развива креативниот, рекреативниот и спортскиот живот во градов и да се вратат насмевките, односно нормалниот тек на живеење после тешката катастрофа која не’ снајде.
Се’ што можеме да видиме денес е дека вака ја оставивте – запустивте помошта од Република Франција, дозволивте да пропаѓа и да се распаѓа само затоа што не ви текнува дека има места кои треба само малку да се потпомогнат за да им се врати сјајот и истите повторно да станат обележја на овој град, Места каде што младите, а и постарите повторно ќе се собираат на баскет, мал фудбал и тн.
Добро бе, нели ви е срам кога ќе се погледнете во огледало?
* * *
И потоа многу брзо почнаа да се редат коментари од мои драги пријатели и познаници за тоа во која насока би требало да се развива ова место, некои се жалеа, односно им беше криво до каде стига сево ова, кажаа дека во таа сала пораснале, на баскет, фудбал … некои предложија истото да биде театар, со што, се разбира, јас веднаш се согласив, сепак сум некој кој доаѓа од театарската фела, некои предложија да е место за концерти, некои диско, некои повторно сала за фудбал, некои дури и се понудија да направат бесплатно проект како да се спаси тој простор, и тоа, еминентни луѓе кои се дел од јавниот и културниот живот на оваа земја, овој град, но, сите едногласни беа во тоа дека треба да и’ се помогне на салата Партизан.
На крајот сите се согласивме дека најдобро би било тоа место да е еден вид на културен дом. Салата да биде место во кое сите оние кои имаат идеја, а немаат можност, да можат да се изразат како што сакаат и колку што сакаат, да можат да го направат тоа без никаква пречка. И ова нека биде едно од сите оние места кои ќе почнеме да ги развивавме и кои на Скопје, но, и на Македонија и тоа ќе и помогнат во развивањето на алтернативната сцена, која и тоа како и недостасува во овие моменти.
Доцна вечерта додека сè уште бев во мојата работна соба и бев со измешани чувства по однос на денот кој изминуваше. Се сетив на едно утро пред околу десетина години, во едно од сите оние утра во кои пристигнував на автобуската станица во Белград, додека живеев таму (2005 – 2007 година) каде на еден од сите оние многу киосци (читај: трафики) на насловната страница на еден познат дневен весник поткрепено и со фотографија – пишуваше: „Арена је синођ изгубила невиност“.
На насловната страница на тој дневен весник фотографијата беше од синоќешниот концерт на вокалноинструменталниот состав од Берлин – Рамштајн во „Арена Белград“. Не се ни сомневав дека Рамштајн ја „запалиле“ Арена и дека било превртување таму.
Она што ми падна во очи е тоа што некој напишал наслов, дека „Арена Белград“ место познато по тоа што во него се случуваат илјадници светски концерти во текот на една година, конечно вчера ја загубила својата невиноста. Е, тоа, ми беше и тоа како индикативно. И веднаш ме купи.
И потоа како флеш почна да ме мава од глава фактот дека на не повеќе од 500 километри одовде, поточно во Белград, пред десет години Рамштајн и ја одзеле невиноста на Арената, а ние, десет години подоцна гледаме како помалите сали се распаѓаат и пропаѓаат наместо да се развиваат, односно, никому од надлежните не му текнува да покрене иницијатива и од истите тие сали да почне да создава места каде што скопјани гласно ќе се смеат и ќе бидат задоволни.
Апелирам до нашите надлежни по кој знае кој пат: Средете го градов, создадете места кои ќе ни ја вратат насмевката, места кои ќе нè направат горди на тоа што сме скопјани, создадете фестивали од светски рамки, фестивали кои ќе го поканат светот во нашиот град и на кои ќе има над 300 000 посетители, направете го Скопје барем на десет денови во текот на годината да е центар на светот и почнете да носите бендови кои ќе му ја одземаат невиноста по повеќе пати на градов и кои ќе ги запаметиме засекогаш. Еве, нека биде тоа и Рамштајн, мене не ми пречи!