Косовскиот премиер Албин Курти вели дека Србија не сака договор со Косово и дека причина за тоа е што на српскиот претседател, Александар Вучиќ му пречи напредокот што го бележи косовската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коментирајќи го вчерашниот неуспешен обид во Брисел, со посредство на емисарот на Европска Унија, Милослав Лајчак да се постигне договор меѓу двете држави за користењето на автомобилските регистерески таблички од едната во другата држава, Курти побара од Лајчак јавно да каже „која од страните не била конструктивна“.
– Јас немам дилеми. Знам дека нашиот главен преговарач (вицепремиерот, Бесник) Бислими бил и конструктивен и креативен, но јасно е дека Белград не е заинтересиран да има договор. Ние воопшто не сакаме да го ставиме под знак прашање принципот на реципроцитет. До посредникот е да даде објаснување зошто конкретно не е постигнат договорот, кој бил многу блиску и за кој и Лајчак се заложил многу, изјави Курти за косовскиот јавен радиодифузен сервис, РТК
Шефот на косовската Влада вели дека Белград во последно време „ја засилува агресивноста кон Косово“, затоа што на српскиот претседател Вучиќ му пречат „успесите на Косово… на сите полиња“.
– Српскиот претседател ја засилува агресивноста кон Косово и јс сум уверен дека тоа е поради успесите на Косово. Ние напредувме на сите полиња, и тоа нему му пречи, рече Курти.
Тој побара од меѓународниот фактор да им даде до знаење на српските власти дека „не можат повеќе да продолжат така“.
– Ние си ја вршиме нашата работа, но треба и западните канцеларии да му кажат на Белград дека не можат повеќе да продолжат така, рече Курти.
Предходно, спрецијалниот пратеник на Владата на Германија за Западен Балкан, Мануел Саразин изјави дека неговата држава недвосмислено го поддржува Косово во намерата да се зачлени во Советот на Европа (СЕ), јави дописникот на МИА од Приштина.
Саразин, кој од вчера престојува во прва официјлна посета на Косово од преземањето на должноста во февруари годинава, на неговата страница на Твитер напиша дека ѝ ја пренел на шефицата на косовската дипломатија, Доника Грвала јасната поддршка на неговата Влада за зачленување на Косово во европската организација за човекови права и владеење на правото.
– Позицијата на Германија е јасна: Косово е срцето на Европа и неговото место е во Советот на Европа, напиша Сааразин.
На вчерашната прес-конференција заедно со Грвала, Саразин изјави дека Германија ја поддржува и визната либерализација за граѓаните на Косово и се труди да ги убеди тоа да го сторат и партнерите од Европска Унија.
Посетата на специјалниот германски пратеник за Западен Балкан доаѓа непосредно по аплицирањето на Косово за прием во СЕ.
Владата на Косово во четвртокот, на 12 мај, принципиелно ја усвои иницијативата за зачленување на државата во СЕ, а само неколку часови подоцна министерката за надворешни работи, Грвала, официјално ја предаде апликацијата во Стразбур.
Во СЕ членуваат 46 држави и за прием на нова членка потребни се гласовите на две третини од нив. Според медиумите во Приштина, надежите на косовските власти за прием во организацијата пораснаа по исклучувањето на Русија од неа.