ВЕСТ НА ДЕНОТ
Филипче: Задолжително најмалку една вакцина или ПЦР тест за вработените во јавниот сектор
Комисијата за заразни болести на денешниот состанок одлучи да и предложи на Владата, сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работното место да прикажат потврда за примена најмалку една примена вакцина или ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Вработените треба да прикажат или потврда за прележан ковид не постар од 45 дена, или пак потврда од лекар специјалист дека вакцината не можат да ја примат а тоа се оние ретки имунолошки состојби.
–Препорачуваме во овие мерки да се приклучат и приватните компании. Веќе имаме на некој начин потврда, очекуваме дека ќе може да се приклучат, со оглед на тоа што од Сојузот на стопански комори стигна едно писмо со слични барања, а се со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата, изјави денеска Филипче по состанокот на Комисијата.
Уште една мерка е и препораката вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници.
Филипче напомена дека предлог е овие мерки да стапат на сила десет дена откако ќе ги усвои Владата за граѓаните да имаат временски период да се вакцинираат, а период од 30 дена да дадат на оние 20 до 30 проценти здравствени работници, кои во овој момент се уште не се уште вакцинирани.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, на денешната седница говореше за предмети кои пристигнуваат до Антикорупција за тоа кога кандидати за вработување ја менуваат националноста, со цел да ги исполнат условите од балансерот и да се вработат.
„За жал, ова не е првпат и за жал немаме начин како да се казнат, оти не е предвидена ваква казна во законите. Единствена препорака ќе биде, а и онака се прави законот за административни службеници, балансерот да се исфрли од употреба, заради тоа што нема ефекти, луѓето лажат, за да се вработат. Балансерот џабе постои, во секој случај нашата Комисија отсекогаш се залагала за вработување квалитетни кадри, што ќе ги исполнуваат критериумите за квалитет и затоа нема потреба луѓето да се ставаат во вакви состојби“, рече Ивановска.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМИЈА Секојдневно правиме анализи и во моментов немаме податоци дека може да се случи ценовен шок. Како што направивме пред една година ќе направиме пак во делот на преземање на соодветни мерки согласно Законот за трговија и согласно надлежностите што ги има Министерството за економија ако дојде до тоа, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Стопанската комора на Северна Македонија бара да се воведе задолжителната вакцинација и во приватниот сектор. Само така, смета, ќе се постигнат колективни резултати во борбата со вирусот, но и ќе се овозможи континуитет на деловните процеси.
ОБРАЗОВАНИЕ Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна и сѐ додека е така остануваме на првото сценарио – настава со физичко присуство. Доколку има каква е да е промена или загрозување, тогаш во координација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство ќе имплементираме други сценарија. Но засега сѐ укажува дека состојбата е стабилна и дека учениците се безбедни во училиштата, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.
Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата досега има претрпено осум амандмански измени. Последната беше во 2019 година кога Собранието со 81 глас „за“ ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите. Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Насер Селмани, новинар, уредник, екс претседател на ЗНМ. Селмани зборува за: Новинарството, медиумските околности, интернет конкуренцијата, политиката, партиите, коалициите, локалните и извесните парламентарни избори.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За да заработите, на пример, 1.100 долари месечно копајќи криптовалути, сметката за струја би ви била 1.000 долари – така, крадењето струја, наеднаш, добива нова „инвестициска“ димензија, подобра од вложување во електрични ветерници или сончеви електрани. А и многу е попросто“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Што (не) се копа во ГТЦ?“.
„Земјата и нејзините граѓани се предолго заложници на минатото, митовите и историјата. По долги години мобилизација за „одбрана од непријателите“, сега е потребна мобилизација за напредок на општеството. За победа на општеството и подобра иднина, треба да се порази национализмот и да се остави во минатото. Инаку, лесно може да се изгуби не само моментот, туку и она што со години и маки го гради целата земја и сите нејзини граѓани“, пишува Петрит Сарачини во колумната „Справување со национализмот – предуслов за подобра иднина“.
Д. Муратов












