Истражувачкиот новинар Горан Лефков од Центар за истражувачко новинарство СКУП, на конференцијата „За општество ослободено од корупција“, истакна дека новинарите не може дојдат до информации за да расветлат некое коруптивно дело, бидејќи институциите се затворени или не функционираат.
„Центарот за истражувачко новинарство е формиран пред 5-6 години и имаме стотина стории пишувано за корупцијата, пришто се соочивме со големи проблеми за време на режимот, а ниту сега не е подобро. Во име на јавноста, ќе кажам една поговорка против корупцијата која се нарекува – тајноста е мајка на корупцијата. Колку институциите се позатворени, толку можноста за корупцијата е поголема.
Институции како што е ДКСК, Државната комисија за слободен пристап до информации од јавен карактер се клучните институции коишто треба да ни помогнат на нас новинарите да ја расветлиме корупцијата.
За жал во овој дел ситуацијата е многу лоша, ДКСК нема челнови од 1 март, Државната комисија за слободен пристап до информации од јавен карактер нема членови од 1 мај, имаше само еден член и тој го ставија претседател, а сам не може да постигне ништо, бидејќи има околу 1000 жалби кои чекаат на одлука.
Има еден правосуден инспекторат и кај него со години стојат барања коишто треба ДКСК да ги спроведе до институциите, да ги задолжи, да ни ги дадат информациите што ни требаат. Имаме голема штета, не може да се бориме како новинари да го оствариме нашиот дел од општеството за борба против корупцијата. На крај, целта на секоја корупција, односно на криминалната група е – профитот.
Податоците таму се катастофални за Македонија, од друга страна во делот на корупцијата, Македонија нема тело кое треба да го координира одземањето на имотот од криминални дела. Тоа тело треба да биде во Јавното обвинителство, меѓутоа тоа тело го немаме.
Во 2017 година во Македонија се одземени само 416 илјади евра од криминални дела, само за споредба, во Словенија за истиот период се одземени 320 милиони евра. Словенија од прилика е голема колку и Македонија и имаме исти наследен правосуден систем и слично.
Штетите се огромни, ако претходно господинот Павле Трајанов спомна дека се изнесени по 5 милиони евра од Македонија, тоа по човек е некаде по 2.500 евра што ни се земени, а ни се вратени само 4 денари. Самите бројки покажуваат колку сме смешни во борбата против корупцијата“, заклучи Лефков.
Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети