пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Не се многу приликите кога најлутите политички противници во Македонија седнале и нашле заеднички јазик. Речиси без исклучок, тоа било со меѓународно посредство, после месеци макотрпни натегања и состојба на безизлез.
Ако се посегне малку подлабоко во историјата, лесно ќе видите и која страна во сите тие прилики била деструктивна и опструирала, а кој барал компромиси и решенија за општо добро.
Но, неспорно е дека секогаш кога власта и опозицијата седнувале на маса со ниет за решенија а не само за препукувања и сликање, тоа за сите нас, за цела земја значело некаков напредок, некогаш поголем, некогаш помал.
За жал, и показател – дека институциите и нивните механизми не успеваат да продуцираат ваков дијалог и решенија, какви што продуцираат средбите на лидерите на најмоќните политички партии. Причини за тоа има многу. Тие фалинки на системот, во политичкиот плурализам, во партиската доминација, во капацитетот на институциите, интегритетот… Фалинките не се денешни, ниту пак вчерашни, туку 30 годишни.
Сепак, не може а да не се радувате кога има решенија за нашите застои кои нѐ кочат сите како општество, продуцирани не само од политичкиот опортунизам и кратковидоста за општото добро, од нашите системски, колективни и индивидуални фалинки, а често и од нашите инаети. Ако таа „лидерска“ маса на крајот произведува решенија добри и прифатливи за сите, тие треба да се поддржат и охрабрат. Уште повеќе ако за тоа не требало да дојдат разно разни странски емисари да ја поттурнат и физички работата.
Поддршка и охрабрување да, но простор за фалби нема. Таква е атмосферата, трпението на луѓето е се потенко, како и кредитот на политичарите кај граѓаните. Сепак, и во ваква „атмосфера“ и на ваков „терен“, денешните решенија треба да се истакнат како логични, рационални, потребни, затоа што откочуваат процеси кои се битни за нашата блиска, но и подалечна иднина, и задоволуваат општи, а не парцијални потреби.
Најдобра вест е тоа дека пописот по кој сме фамозни и „светски лидери“ не е откажан, туку ќе се одржи во септември, со учество и поддршка и на ВМРО-ДПМНЕ, што го зацврстува не само легитимитетот, туку, со оглед на инфраструктурата на оваа партија, подразбира далеку поголеми гаранции за успешноста на пописот и дома, но и во дијаспората.
Логично е и одложувањето на пописот од неколку месеци, со оглед на врвниот предизвик со пандемијата и нејзините непознаници, и вакцинацијата што доцни во многу земји во Европа. Споредбите со Србија, Израел и пар далеку помоќни земји во секоја смисла, се не само неточни и несоодветни, туку и фрустрирачки и непродуктивни. После сите застои поради светската „распределба“ на вакцините, конечно очекуваме далеку посериозен прилив идните месеци, а на земјата ѝ се потребни сите сили за да спроведе што побрз процес на имунизација.
Освен тоа, мошне е важно што е договорено одблокирање на Собранието и куп закони, медиумската легислатива и МРТВ што се закочени речиси две години, 5-от пакет мерки со 100-те милиони евра за малите и средните претпријатија, одлуките за Клиничкиот центар, за пензионерите, државјанствата, законите од екологијата и неколку други закони со европско знаменце…
Сепак, знаејќи ја политиката кај нас, можно е сите овие добри вести за брзо време да паднат во вода. Така не поучува минатото, решенија се наоѓале, се тргнувало напред, потоа некој од актерите ќе фател да тера вода на своја, а не на општа воденица, и така, најголем дел на нашите политички договори и реформи се имплементираа со години, некои и доживеаја некаков успех, многу завршуваа на хартија, а некои и како „тоалетна хартија“ (како оној од 2013-та, на пример).
Затоа, мошне е важно политичките лидери да смогнат сили и на таа маса да стават и неколку решенија што ќе ги адресираат оние системски фалинки кои ги чувствуваме и гледаме сите. Дијалогот и почетниот консензус за измени во Изборниот законик е добар основ да почне да се решаваат нашите системски фалинки. За да не се доведуваме во ситуација лидерите да ја решаваат работата, што не ја решиле стотици луѓе вработени во разни институции платени од граѓаните.
Секако дека такви решенија значат помалку моќ за лидерите, но ако се навистина за општото добро, ќе ги отворат и тие муабети. Па можеби и ќе добијат и пофалба и аплауз.
На крајот, и неколку збора за политичките маргиналци и деструктивци, бојкотери, контраши и дежурни критизери. Не очекувајте да ги радуваат решенијата и постигнувањето на компромиси помеѓу двете главни македонски политички струи. Решенијата што се прифатливи за најголем дел од општеството се рушење на нивниот темел, граден на омраза кон неистомислениците, гнев, хаос, насилство.
Очекувајте да бидат уште погласни, не само во нивните бојкоти, туку и во сите нивни битки на Фејсбук и Твитер, од оние за идентитетот, до оние со паркинзите и комарците. Ќе има урлање, плукање, пцуење, спружување, лажни вести на тон. Очекувајте од нив сè, само решенија – не.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.