Вкупно 281 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за месец април 2020 во износ од 9.995.565 денари, не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени, информираше денеска директорката на УЈП Сања Лукаревска.
„Овие работодавачи се од дејностите: 62 фирми од дејноста трговија на мало, примиле финансиска помош од 1.715.262 денари и на 126 вработени не исплатиле плата, 43 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 1.249.452 денари и на 95 вработени не исплатиле плата, 24 фирми од дејноста транспорт, примиле помош од 630.750 денари и на 44 вработени не исплатиле плата, дејност градежништво – 17 фирми примиле помош од 660.738 денари и на 48 вработени не исплатиле плата за април“, велат од УЈП.
Тука влегуваат и дејностите за производство на облека, трговци на мало и големо, емитување на програма, објекти за сместување и сл. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се од : Скопје 84 фирми, Тетово 38, Струга 20, Гостивар 23, Куманово 16.
Вкупно 76 даночни обврзници, за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка, и за 1.121 вработени примиле финансиска поддршка во износ од 15.111.700 денари, но не извршиле исплата на износот на плата по поднесените исправки во вкупен износ од 172.790 денари.
Овие компании се од дејностите градежништво, производство на мебел, транспорт, објекти за сместување, производство и сл. По региони најголем дел од овие фирми се од Тетово 27 фирми, Гостивар 11 фирми, Скопје 5.
Исто така за месец април 1.930 работодавачи, за 26.875 вработени за кои примиле финансиска поддршка имаат извршено задржување на средства од плата во вкупен износ од 49.340.606 денари . Податоците за овие компании ќе се достават до министерството за труд и социјална политика за да може да се утврди дали задржаните средства се основани или не.
За мај месец вкупно 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари
– Овие работодавачи се од дејностите: 84 фирми од дејноста трговија на мало примиле финансиска помош од 2.160.248денари и на 160 вработени не исплатиле плата , 66 фирми од дејноста подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 2.052.240 денари и на 150 вработени не исплатиле плата, 35 фирми од дејноста транспорт примиле помош од 920.750 денари и на 65 вработени не исплатиле плата , 8 фирми од дејноста нискоградба фирми примиле помош од 1.087.500 денари и на 77 вработени не исплатиле плата за мај.
Останатите фирми кои не исплатиле плата за мај 2020 а за истите добиле финансиска поддршка се од дејностите градежништво, производство, трговија на големо и мало, емитување на програма и слично. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата за мај се од Скопје 110 фирми, Тетово 61, Струга 28 , Гостивар 34, Куманово 21, Струмица 10, Битола 15.
34 даночни обврзници кои за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка, примиле износ на финансиска поддршка од 13.218.438 денари за 913 вработени, а не извршиле плаќање на износ од 102.593 денари од поднесените исправки. Овие фирми се од дејностите градежништво, образование ,подготовка на оброци и служење на храна, транспорт, објекти за сместување, производство и сл.
По региони најголем број од фирми што не ги исплатиле исправките на плата доаѓаат од Скопје 5 фирми, Тетово 3, и од другите градови по 1 фирма.
И во месец мај 1.816 работодавачи, за 25.590 лица за кои примиле финансиска поддршка, имаат извршено задржување на средства од плата во вкупен износ од 40.069.247 денари. Податоците за овие компании, како и за месец април, ќе се достават до Министерството за труд и социјална политика за да може да се утврди дали задржаните средства од плата се основани или не.
Од направената анализа се утврди дека 120 даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај а 8 даночни обврзници исплатиле помалку плата за двата месеца.
На работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата доставени им се опомени за неисплатена плата и доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата. Исто така, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.