Синоќа движењето „Македонија блокира“ протестираше пред домот на пратеникот Крсто Мукоски во Вевчани, кој неодамна излезе од домашен притвор и гласаше за отпочнување на процедурата за промена на Уставот. Муковски е обвинет за случувањата од 27 април во македонското Собрание.
Учесниците со свеќи и патриотски песни, меѓу кои и „Едно име имаме“ и побараа од Мукоски да не го менува името на државата. Mеѓу присутните беше и Филип Петровски, кој на својот фејсбук профил објави и видео од протестот.
„Во Вевчани, кај Крсто. Да му кажеме да не гласа за ПРОМЕНА НА ИМЕТО на Македонија. И да му предадеме писмо од над 80 организации кои го претставуваат Македонскиот народ, кои се противат на бришење на идентитетот, АСНОМ и нашето наследство“, напиша Петровски.
Како што пренесуваат локалните медиуми на протестот имало и жители на Вевчани, а Мукоски ги пречека демонстрантите, по што дел од нив влегоа и во неговиот дом.
За сабота од „Македонија блокира“ најавија протести и пред домовите на пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои како и Мукоски се обвинети за истиот случај, а беа пуштени од домашен притвор во ист период, и кои истот така гласаа за старт на процедурата за цпромена на Уставот.
К. С.