Нацрт заклучоците на Самитот на НАТО, предвидуваат дека Македонија денеска добива покана за старт на преговори за членство во Алијансата и зачленување по заокружување на сите внатрешни процедури.
„Во 2008 одлучивме дека НАТО ќе и додели покана на ПЈРМ за влез во Алијансата штом се изнајде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. Го поздравуваме историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за решение за спорот за името. Во согласност со нашата политика решивме да ја поканиме Владата во Скопје да започне преговори со Алијансата. Целосна имплементација на сите предвидени внатрешни процедури во однос на договорот за решение на спорот за името е услов за успешно заокружување на пристапниот процес“, стои во нацрт заклучоците.
Во заклучоците се поздравуваат напорите на Владата во последната година, значајниот напредок што е постигнат за одредени итни реформски приоритети, како и напорите за градење на мултиетничко општество, но и повикуваат на дополнителни напори во овие области.
Во составот на македонската владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, се и заменик-претседателката на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски.
Предвидено е премиерот Заев да има обраќање на настанот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“, по што ќе замине на свечената вечера на шефови на држави и влади на земји членки, и на шефови на држави и влади на земји членки и партнери, што ја организира премиерот на Белгија Шарл Мишел.
Во текот на утрешниот ден, премиерот Заев и македонската владина делегација во новото седиште на НАТО, ќе го отпочне учеството на официјалниот дел од агендата на самитот.
Премиерот Заев и членовите на владината делегација за време на дводневните активности на Самитот на НАТО во Брисел ќе имаат повеќе билатерални средби и ќе верификуваат повеќе декларации и документи за соработка со земји членки на НАТО.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска пред стартот на Самитот на НАТО во Брисел, изјави дека Македонија денеска го поправа тоа што го пропуштила пред десет години.
„Денеска е ден во кој можеме да го поправиме она што го испуштивме во 2008 година. Мислам дека дури и на денешните дискусии на министерско ниво за надворешни работи и одбрана и на премиерско ниво, стана јасно дека една од недвосмислено најпозитивните одлуки на овој самит ќе биде поканата што ќе ја добие Македонија“, рече Шекеринска пред новинарите во Брисел.
Шекеринска додаде дека денеска сите ја искористиле можноста да и честитаат на Македонија за огромниот пробив.
„Целиот аудиториум не награди со аплауз зашто се свесни дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО“, рече министерката Шекеринска.
Таа е уверена и дека референдумот во Македонија ќе биде успешен.
Германската министерка за одбрана, Урсула Вон Дер Лејен, изјави дека Германија силно го поддржува добивањето покана за влез во НАТО на македонските пријатели, и дека е сигурна дека тоа ќе биде резултатот на Самитот.
На прашање во врска со референдумот, Вон Дер Лејен одговори дека се надева оти тој добро ќе помине.
„Стискам палци дека референдумот добро да помине, многу е важно за нас, нашите македонски пријатели да пристапат во НАТО“, изјави германската министерка.
Во Брисел денеска започна дводневниот самит на НАТО, на кој учествуваат шефови на држави или влади на членките на Алијансата.
На дневниот ред на самитот е јакнењето на способноста за одбрана, проектирање на безбедноста, борба против тероризмот и посилна осработка со Европската унија.
Лидерите од Северноатланскиот совет на првиот ден од Самитот на НАТО, треба да постигнат согласност и да и испратат на Македонија покана за почеток на преговори за нејзино членство во Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на вчерашната прес-конференција, истакна дека по историскиот договор постигнат минатиот месец, за спорот со името, очекува Скопје да почне со преговори за членство.
Ова го порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за време на вчерашната прес-конференција на која ги подвлече темите кои ќе бидат денеска и утре на лидерската маса.
„Кога договорот ќе биде финализиран и имплементиран, ќе можеме да ја поканиме Поранешната Југословенска Република Македонија да стане 30 членка на НАТО под нејзиното ново име – Република Северна Македонија. Ова е сигнал дека портата на НАТО е и ќе остане отворена“, истакна Столтенберг.
Потоа, НАТО ќе го чека исходот од референдумот за Преспанскиот договор закажан за септември или октомври. Доколку тој биде успешен и Договорот прифатен од граѓаните на Македонија, НАТО ќе го чека завршувањето на целата процедура за ратификација на Договорот.
Кеј Бејли Хачинсон, американската амбасадорка во НАТО, вчера потврди дека САД сака да ја види Македонија како членка на Алијансата, но дека за тоа е неопходно граѓаните да го потврдат Договорот со Грција на референдумот.
„Ако не се комплетираат процедурите, не очекуваме консензус за ратификација на членството, договорот вклучува заокружување на процедурите за да се потврди дека е спроведен“, вели извор од НАТО.
А. Петровска