Според Индексот на демократија на британскиот неделник „Економист“, Македонија се искачи за 10 места во споредба со минатата година и моментално се наоѓа на 78 место со 5,87 поени.
Република Македонија спаѓа во категоријата на „хибридни режими“, кој ги опфаќа земјите со поени од 5,98 до 4,06.
Оценети се вкупно 167 држави според 60 показатели во пет категории: функционирање на владата, политичко учество, изборен процес и плурализам, демократска политичка култура и граѓански слободи.
Според Индексот на демократија, државите се поделени во 4 категории. Оние кои имаат од 0 до 4 поени се категоризирани како „авторитарни режими“, од 4 до 6 се „хибридни режими“, државите со 6 до 8 поени спаѓаат во „недоволни демократии“, додека оние кои имаат 8 до 10 поени се наоѓаат во категоријата „целосни демократии“.
Од балканските земји, во категоријата на „хибридни режими“ на 81 место се наоѓа Црна Гора со 5,74 поени, на 101 место е Босна и Херцеговина со 4,98 поени, а Турција, пак, е на 4,37 поени е на 110 место.
Наспроти нив, во категоријата на „недоволни демократии, на прво место од балканските земји е Словенија на 36 место со 7,5 поени, потоа Хрватска со 6,57 поени, а зад неа е Србија со 5,41 поен.
Во категоријата на „недоволни демократии“ се наоѓаат Грција со 7,29 поени, Бугарија 7,03 поени и Романија го има 66 место со 6,38 поени.
Нордиските земји го заземаат самиот врв на Индексот на демократија, каде Норвешка е на прво место (9,87 поени), по неа е Исланд на второ место со 9,58 поени, а на третото место се наоѓа Шведска со 9,20 поени. Данска се наоѓа на петтото место со 9,22 поени.
Претпоследна на листата е Сирија со 1,43 поени, додека последна е Северна Кореа со 1,08 поени. На 165 место со 1,52 поени се наоѓа Централноафриканската Република.
Според сублимираните податоци од Индексот на демократија, британскиот неделник „Економист“ доаѓа до заклучок дека демократијата во 2018 година не се намалува. Истиот неделник наведува дека: „Само 4,5 посто од луѓето во светот живеат во „целосна демократија“, но вкупниот глобален резултат во 2018 година остана стабилен, прв пат во последните 3 години“.
Од вкупно 167 држави само 42 забележале пад во споредба со ланските 89, што е охрабрувачки знак, бидејќи 48 земји го подобриле својот индекс на демократија.
Ј. М. П.