Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, во режија на Теона Стругар Митевска, денеска ќе ја има својата светска премиера на 69. издание на Берлинскиот филмски фестивал. Филмот е во трка за главната награда „Златна мечка“.
Дејството на филмот се одвива во Штип каде што на Водици девојката Петрунија ќе го фати крстот. Нејзините конкуренти се бесни – како се осмелува жена да учествува во нивниот ритуал? Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето. Таа го освои својот крст и нема да се откаже.
За време на фестивалот се закажани вкупно осум проекции на македонскиот филм.
Во Берлин ќе присуствува и актерската екипа сочинета од Зорица Нушева, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку. На денот на премиерата екипата ќе приреди и специјална македонска вечер на која ексклузивни гости ќе биде македонскиот бенд „Фолтин“.