пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Во скриеното паркче зад мојата зграда, една млада девојка го шеташе кученцето. Тоа, нормално, го направи и остави зад себе она што обично го прават домашните миленичиња при шетање.
Веројатно очекувате вообичаен продолжеток на приказната, како што впрочем очекував и јас. Но, се излажав. Девојчето од своето торбиче извади кесенце и го собра тоа што зад себе го беше оставило нејзиното другарче.
Ова девојче е веќе во Европа. Не знам дали е во тек со обесхрабрувачките пораки кои доаѓаат од Брисел, но нејзе тоа очигледно не и беше битно, го направи она што би го направил секој нормален, одговорен граѓанин на модерна, европска земја. Иако никој (освен мене од мојот прозор), не ја гледаше.
Се почувствував силно охрабрен, и покрај многуте мои сограѓани кои секојдневно ги гледам како празнат пепелници од кола на семафор, фрлаат кеси со ѓубре од балкон, гнасат, плукаат и мразат сè околу себе…Е, токму ова младо девојче, за мене е симболичен приказ за состојбата во која сега се наоѓа нашата иднина. А оние што „ѓубрат“ сè околу себе, кои мислат дека им припаѓа сè, тие се симболичен приказ – за минатото.
Гледам секојдневно, не само оваа девојка, многу луѓе се засегнати и се обидуваат нешто да сторат и да се фатат во костец со реалните проблеми – не само за нашата животна средина, затруен воздух, почва и води. Се борат и за нашето урнисано образование, за здравството, бараат функционирање на правдата, подобри услуги и поголема одговорност од институциите…го споделуваат своето знаење, нудат решенија. Замислете, само последниве неколку недели имавме неколку вести за успеси и пронајдоци на наши млади иноватори. Што е тоа, ако не иднина и Европа?
Како на филмска лента, ми се свртеа многу други реални, вистински моменти. Најпрвин се сетив на младите студенти и сите други протести на кои ги врзувавме знамињата и се обединувавме против злото, надминувајќи ги нашите етнички, верски, политички, сексуални и секакви други поделби. Што е тоа ако не иднина и Европа, кон која се стремиме?
А наспроти се оние – што го нудат „славното“ минато на омраза, поделби, војни, крв. Враќање назад кон „корените“, вклучувајќи го и нивното јадење. Оние де, што нудат „обнова“. На надалеку прочуената децениска „преродба“, во сто и повеќе чекори, надградена, проширена и раскрилена, нормално.
Што и да се случува во деновите и месеците што следуваат, имајте го ова на ум. Младиќот лично и одамна е решен – ќе стори сè што може да помогне иднината да добие шанса. Она девојче од паркот, младите иноватори, умните, искрени млади луѓе, сите граѓани кои секојдневно се вложуваат себе си, преку својата работа, преку одговорно, хумано однесување кон околината и луѓето, огромно мнозинство во нашата земја наспроти гласното и насилно малцинство, кое ни нуди „чиста“ приказна за сè – односно за ништо, па и помалку од тоа.
На она девојче не му треба „камшикар“ за да биде во иднината. Како тоа девојче има многу. Имаме и луѓе и време да ја обезбедиме нашата иднина. Со надеж дека и Европа, што поскоро, ќе го отфрли „славното“ минато, кое почнува да ја загрозува нејзината иднина.