Министерот Дамјан Манчевски, одговарајќи на новинарски прашања пред јавната расправа за измените на законите за јавен сектор и за административни службеници, изјави дека Министерството за информатичко општество и администрација со соработка со други ресори бара начини за привлекување кадар и од јавниот сектор и надвор од институциите за вклучување во процесот на преговори со ЕУ.
„Заедно со Министерството за труд и социјална политика, Секретаријатот за европски прашања и со Министерството за финансии работиме на предлог со кој ќе се овозможи начин, се надеваме, кој ќе привлече луѓе и од другите институции во рамки на јавниот сектор, но и надвор од институциите да се приклучат во процесот на преговорите“, изјави Манчевски.
Министерот рече дека ќе се работи на повеќе полиња за да се привлечат лица за приклучување во преговорите.
„Ќе се работи на неколку полиња преку што ќе се обидеме да привлечеме луѓе не само од надвор и од институиците, бидејќи имаме капацитети во институциите што треба да го најдеме и да го канализираме на вистинско место. Секако динамиката ќе биде како што ќе тече отворањето на поглавјата. Во секторите што се први на дневен ред и не е така лоша состојбата, но следуваат веднаш и други сектори што ќе се отвораат и мора да се работи брзо“, додаде Манчевски.