Финската позиција е многу јасна, ние сме во полза на проширувањето и нашата позиција во врска со Северна Македонија и Албанија е многу јасна – сакаме да се случува напредок, сакаме да ги видиме двете земји како стануваат земји членки на ЕУ во иднина и треба на напредуваме на тоа прашање, рече финската премиерка Сана Марин на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Одговорност на ЕУ, според финската премиерка, е да се осигура дека ситуацијата нема да остане замрзната.
– Треба заедно да дискутираме за прашањето со Бугарија и да се осигураме дека ќе ги имаме насоките од сега па натаму по кој пат треба да се движат. Неделава ќе имаме состанок каде ќе дискутираме за статусот на Украина и Молдавија, мислам е важно да се дискутира за сиутацијата со Западен Балкан и да се осигураме дека сите прашања ќе бидат решени. Наша одговорност е да се осигураме дека веќе нема да има проблеми, рече Марин.
Позицијата на Финска, повтори таа, е многу јасна. Финска, нагласи, е меѓу најголемите поддржувачи на проширувањето во ЕУ.
– Сакаме да ве видиме како дел од ЕУ и сакаме сите да се движиме напред, рече Марин.
Таа истакна дека и Финска и Шведска ќе ја засилат НАТО Алијансата и ќе ја направат побезбедна.
– Сакам да им оддам почит на нашите односи, особено зашто треба да бидеме сојузници во НАТО. Ова ќе биде важен чекор за сите нас и за билатералните односи меѓу двете земји. Северна Македонија е цврст поддржувач на политиката на отворени врати на НАТО, рече Марин нагласувајќи дека во Финска и Шведска ја ценат вредноста на сојузништвото.
Според финската премиерка важно е во оваа ситуација НАТО да биде обединето околу поддршката за нивното членство.

– Русија ја промени безбедносната средина на Европа и мора на нашите граѓани да им покажеме колку е важно да сме обединети, цврсти и одлучни. Тешката ситуација со Русија потенцираше дека тесните национални интереси мора да бидат тргнати настрана за доброто на целата Европа. Важно е преговорите да почнат сега. За нас Северна Македонија е позитивен пример за активен и конструктивен член на меѓународниот поредок, рече Марин.












