Првиот Марш на толеранцијата го организираа Хелсиншки комитет и ЦИВИЛ во 2009 година под мотото „Љубов е љубов“. Контра протест против првиот настан од овој вид организираа Титовите леви сили, тогаш во политички брак со Груевски, со извиците „Педери одете си дома!“.
Хелсиншкиот комитет, по повод Меѓународниот ден на толеранцијата (16 ноември), го организира десеттиот Марш на толеранција, кој ќе се одржи на 17 ноември, сабота, со почеток од 12 часот.
„Политичко-општествените случувања во изминативе децении создадоа контекст во кој премногу често се прибегнува кон употреба на разни форми на насилство, контекст во кој омразата континуирано ја разорува кревката општествена кохезија во нашата земја“, велат од Хелсиншки.
Поради огромниот број на дела од омраза, насилство и нивна неказнивост, како и игнорирањето на поттикнувачите и извршителите на дела на омраза и непостапувањето на надлежните институции оставен е простор за непречено ширење на реторика која поттикнува насилство врз поединци и групи.
„Санкционирањето на овие дела е првиот и суштински исчекор за превенција на идни случаи. Но, образовниот систем и медиумите се исто така клучна алка во процесот на градење на вистински ненасилна култура и похумано општество. Затоа, на јубилејниот десетти марш ќе упатиме апел до сите релевантни општествени чинители за креирање широк фронт за борба против овие појави кои што го загрозуваат животот и основните права на човекот. Вистински промени се можни само со респонзивни институции и свесни и одговорни граѓани кои го препознаваат и реагираат против насилството насекаде -во домовите, училиштата, стадионите, на улиците и во виртуелниот простор“, се вели во нивното соопштение.
Рута на маршот е од Музеј на град Скопје преку улица „Македонија“ до платото пред Универзитетот на ЈИЕ во старата скопска чаршија. На крајот на Маршот предвидени се неколку говори од претставници на организациите кои ќе ја дадат својата поддршка, секој во својата област на делување.
Б. Јордановска