„Не може повеќе да бидеме држени како заложници од оние кои ја парализираат европската надворешна политика со своите вета“, изјави денеска шефот на германската дипломатија Хајко Мас, обвинувајќи ги оние кои го прават тоа дека ја загрозуваат кохезивноста на Европа, пренесува Дојче Веле.
„Затоа кажувам многу отворено: ветото мора да замине- дури и ако тоа значи дека можеме да бидеме надгласани“, рече Мас.
Мас не именувал никого, но неодамна Унгарија блокираше повеќе заеднички изјави на ЕУ.
Лут поради ставот на Будимпешта, државниот министер во германското МНР Мигел Бергер, пак, минатата недела ја прозвал Унгарија на Твитер.
„Унгарија повторно ја блокираше изјавата на ЕУ за Хонг Конг. Пред три недели се работеше за Блискиот исток. Заедничката надворешна и безбедносна политика не може да функционира на база на блокади. Потребна ни е сериозна дебата за тоа како да се менаџира незадоволство, вклучително и преку гласање со квалификувано мнозинство“, напиша Бергер.
Како што пренесува Дојче Веле, отворените изјави се невообичаени затоа што Германија никогаш досега не практикуваше отворени критики кон друга земја-членка во ЕУ. Свесна за својата политичка и економска тежина во ЕУ, Германија е вообичаено многу претпазлива да не застанува отворено на нечија страна.