Поп пејачката Лејди Гага, која вчера освои Греми во категоријата за најдобра поп изведба и најдобар дует „Shallow“, во изведба со Бредли Купер, песна за филмот „Ѕвездата е родена“, говорот го посвети на проблемот со менталното здравје на луѓето.
Пејачката рече дека е многу горда што е дел од филм кој ги опфаќа прашањата за менталното здравје.
„Тие прашања се толку важни. Многу уметници се борат со тоа. И ние мораме да се грижиме едни за други. Ако видите некој кој е повреден, не ја вртете главата. И ако сте вие повредени, иако може да биде тешко, обидете се да ја пронајдете храброста во себе за да нуркате длабоко и да му кажете на некого и да ги однесете во главата со тебе“, изјави пејачката.
Менталното здравје ја вклучува нашета емотивна, физичка и социјална благосостојба. Влијае на нашиот начин на размислување, чувствување и делување. Исто така, помага да се одреди како се справуваме со стресот, како се однесуваме кон другите и како правиме избори. Менталното здравје е важно во секој сегмент во нашиот живот, а за општеството овој сегмент сè уште претставува стигма и недоволно се обрнува внимание. Голем дел од луѓето се плашат да зборуваат за оваа тема, плашејќи се од коментарите кои ќе ги добијат во возврат како „Ајде расположи се“ или „Ќе ти помине, сите имаме лоши денови“, заборавајќи дека некој може да поминува низ тешки и темни лавиринти.
На годишно ниво, милиони луѓе страдаат од различни проблеми со менталното здравје, како што се депресијата, социјалната анксиозност, опсесивно компулсивно нарушување и различни нарушувања на личноста, а голем дел од нив не бараат помош од стручни лица во текот на нивниот живот, а тоа им го отежнува животот уште повеќе.
Менталните болести се почести од рак, дијабетес или срцеви заболувања, но и покрај тие статистики, овој проблем се игнорира.
Одржувањето на доброто ментално здравје е од клучно значење за човекот. Затоа служи онаа поговорка „Подобро да се спречи, отколку да се лечи!“. Не чекајте да помине, застанете и раскажете му на некого што ви се случува или бидете тука за да слушнете некој што има да ви раскаже.
Ангела Петровска