Премиерот Зоран Заев денеска на новинарски прашања дали ќе проработи најавуваната „метла“, одговори дека веќе на почетокот на јуни ќе има промени.
„ Се уште сме во фаза на размислување, го имам концептот. Главните критериуми ќе бидат ароганцијата, неисполнување на одредени очекувања на граѓаните, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот, укажувањата од Антикорупциска, сите аспекти ќе бидат согледани и верувам дека ќе направиме вистински решенија, кои ќе бидат сериозен акцелератор за посилно динамизирање на работите во нашата земја, затоа што граѓаните сега очекуваат и конкретни резултати после сите овие крупни политички одлуки и по завршувањето на претседателските избори“ , рече премиерот Заев, како и дека на почетокот на јуни ќе има комплетни промени во раководните структури на министерско ниво, во државните институции, и на крајот од јуни и во општините.
Тој изјави дека деновиве ќе закаже средба со Али Ахмети, лидерот на ДУИ и со другите партнери од коалицијата, за да дискутираат за реконструкцијата.
Заев повтори дека до крајот на месецот ќе се донесат сериозни одлуки за нашата земја, од кои дел од интегративните процеси, како што е добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, што зависи од некои одлуки во Собранието, како што е законот за безбедносните служби и законот за јавното обвинителство.
Премиерот најави и промени во СДСМ.