Нема индиции за повторно активирање на т.н. Балканска мигрантска рута, но останува на државите од Западен Балкан, меѓу кои и Република Северна Македонија, активно да работат на зајакнување на своите капацитети за спречување, односно справување со таква можност. Ова беше пораката испратена од 72-от состанок на Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика што во организација на македонското Министерството за внатрешни работи од денеска се одржува во Охрид.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето нагласи дека илегалната миграција претставува глобален проблем, динамичен и со тенденција на брзи промени на трендовите. Тој истакна дека колку и да е добро испланирана и имплементирана, ниту една мерка или активност долгорочно нема да биде доволна за успешно справување доколку остане во национални рамки односно доколку не е дел од еден поширок и координиран одговор на сите засегнати земји од регионот, па и пошироко.
„Миграциите се предизвик што постојано ќе бидат присутни. Нашата географска положба придонесува да бидеме „атрактивни“ за миграциски рути. Она што го правиме е јасен сигнал и знак дека сме подготвени заедно со нашите партнери да работиме на размена на информации и јакнење на капацитетите да бидеме подготвени за каков било предизвик поврзан со миграциите. Само преку спроведување заеднички политики можеме да бидеме успешни во тоа“, додаде Спасовски.
Министерот Спасовски го повтори ставот на Република Северна Македонија дека нема некакви планови за изградба на сместувачки капацитети за мигранти.
Директорот на Управната група, Михаел Шпинделегер, пред медиумите истакна дека нема индикации за повторно активирање на т.н. Балканска мигрантска рута, но нагласи на потребата од подготвеност, бидејќи се работи за појава што не може да се предвиди.