По пишувањата на некои медиуми и на социјалните мрежи дека судот, односно дека СЈО му го вратило одземениот пасош на поранешниот директорот на контраразузнавање Сашо Мијалков против кој има повеќе кривични пријави, извори од СЈО за НОВА ги демантираат ваквите наоди.
„СЈО досега не донело ниту една позитивна одлука по барањата за враќање за патните исправи поднесени од лица на кои истите им се одземени а против кои СЈО покрена кривични пријави. Со еден ислучок кога станува збор за Драган Павловиќ Латас на кој СЈО му ја врати патната исправа поради лекување на член на потесното семејство во странство“, велат за НОВА од СЈО.
Кривичниот суд исто така ја демантираше информацијата истакнувајќи дека не постапувал по барање за укинување на мерката за претпазливост на Сашо Мијалков.
„Во однос на информациите поврзани со лицето С. М. обвинето во повеќе предмети на СЈО од Основниот суд Скопје 1 информираме дека Кривичниот совет при овој суд воопшто не постапувал по барање за укинување на мерката за претпазливост на посоченото лице и оти информациите пуштени во јавност се апсолутно неточни“, појаснуваат за МИА од Основниот суд Скопје 1.
Мијалков за кого на вчерашниот Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше побарана дисциплинска постапка во изјава за ТВ21 ја негираше оваа информација.
„Пасошот не ми е вратен од едноставна причина што не сум го ни побарал“, изјави Мијалков за ТВ21.
Д. М.