Во Кривичниот суд во Скопје на судењето за предметот „Титаник“ на СЈО, на една од необјавени бомби, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ѝ врти на тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, за да ѝ побара да гласаат вработените во институциите од културата. Тој ја советува дека тоа се вработени во КИЦ, Драмскиот театар, Театарот „Комедија“.
„Одма ќе ги свикам јас ако треба“, му вели екс-министерктата на Јанакиески.
Пред вториот круг од локалните избори, Јанакиески бара од соговорниците да украдат избирачки списоци за да се дознае кој гласал, а кој не, за да им биде извршен притисок на граѓаните.
„Со „Зегин“ е веќе зборено“, додава Јанакиески во истиот дијалог, а во разговор со друг соговорник дава до знаење дека преку е-маил на соговорникот му препраќа списоци со 2.000 луѓе, од Златко „Кадис“ и од Јорданов „Макстил“, како што вели.
Во еден од разговорите се слуша гласот на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој му вели на Јанакиески дека не треба да зборуваат по телефон оти не се знае кој може да ги прислушува. Мијалков потоа му вели дека успеал да обезбеди 800 албански гласа во корист на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги стегнав шиптариве, ги стегнав циганиве. Бев со Тачи и со Адеми, ги наговорив сите нивни да излезат. Договорив со нив за секоја куќа да има по еден човек да ги носи на гласање, 400 да даде ДУИ, 400 Тачи и уште 700 ваму, ете ти ги 1.500“, вели Мијалков во прислушуваниот разговор.