Новинарката Славица Филиповска е добитник на наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2018 година што ја доделува Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Таа е наградена за серијалот истражувачки стории на тема „Депоните со линдан во и надвор од фабриката Охис“ објавени во емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија.
Според жири-комисијата, сторијата на Филиповска третира исклучително значајна тема од јавен интерес која е обработена на квалитетен и професионален начин.
Втората награда ја доби Евис Халили Мемедалија за серијалот текстови за злоупотреби во рамки на Националната програма за култура за 2018 објавени во дневниот весник „Коха“, а третонаградена е Елена Коловска за истражувањето за долгот на 20-те најзадолжени општини пред локалните избори во 2017 година.
МИМ им додели и пофалници на новинарите Сунаи Сабриоски, Марија Митевска и Дарко Шарговски.
Наградата за најдобра истражувачка сторија годинава се доделува по 18-ти пат како дел од заложбите на МИМ за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.