Во изминатата 2018 и почетокот на 2019 година Министерството за труд и социјална политика имаше полни раце работа. Бевме сведоци дека во краток временски период (по падот на власта на Никола Груевски) се прават напори да се подобрат работничките права, да се вдомат дел од бездомниците, да се намали сиромаштијата, има обид да се реформираат синдикатите, да се покачи социјалната помош и пензиите…
Бездомници
Деценискиот проблем со бездомните лица под тврдината „Кале“ во Скопје, кои живеја под отворено небио или во импровизирани куќички од картони и лимени табли, е делумно решен, со тоа што семејствата се сместени во привремени живеалишта во прифатниот центар во Визбегово. Таму се сместени 96 лица, од кои 66 се деца. Овие 15-тина семејства ги поминаа студените зимски денови на топло и со покрив над глава.
Фантоми
МТСП, на чело со министерката Мила Царовска, трајно го реши проблемот со лицата без документи, кој со години беше игнориран од надлежните институции. На терен беа лоцирани 650 нерегистрирани лица во Матичната книга на родени и тие се веќе евидентирани во посебниот Регистар. Секој од нив треба да добие пристап до социјалните права, здравство, образование и сите државни услуги, додека не заврши процедурата за нивен упис во Матичната книга на родени.
Деинституционализација
Иако за деинституционализацијата на лицата со посебни потреби и други категории на корисници во специјалните установи се проговори пред околу 20 години, Министерката Царовска е првата што го започна овој процес. Во 1999 и 2000 година, политичкиот магазин ФОРУМ и тукушто формираната ЦИВИЛ се веројатно првите што јавно проговорија за потребите овој процес да се започне. Ја алармираа јавноста и побараа од релевантните владини институции да преземат чекори кон започнување на овој, инаку, тежок и деликатен процес.
Тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, неговата сопруга Снежана и тогашниот министер Бедредин Ибрахими, декларативно, искажаа интерес да преземат чекори во таа насока, но работата застана само на фотографирање за медиумите. Дваесет години подоцна, Царовска вистински се зафати со проблемот и го започна процесот на деинституционализација.
Тимјаник
Еден од успесите на МТСП е тоа што успеа да ги убеди жителите на неготинското село Тимјаник дека децата со посебни потреби не се закана за нивните деца и околината. Денес таму, во групен дом, се сместени четири деца од Специјалниот завод Демир Капија.
Трето дете
И покрај обидот да се „заплашат“ граѓан(к)ите дека се укинува надоместокот за трето дете, од МТСП ги демантираа таквите шпекулации со тоа што за прво дете висината на еднократната парична помош предвидено е да изнесува 5.000 денари, за второ 20.000 денари, а за трето новороденче 60.000 денари. Истовремено, освен што ќе добиваат еднократен надомест, на сите семејства кои се со минимални приходи и корисници на социјална помош им се овозможува пристап на правото за детски и на образовен додаток, чија крајна цел е да се намали детската сиромаштија.
Дом за секое дете
Минатата година, на Меѓународниот ден на човекови права (10 декември), Министерството за труд и социјална политика најави дека ниту едно дете под 18 години во Македонија нема да биде сместено во социјална установа до 2020 година.
„Секое дете заслужува семејство и затоа го менуваме начинот на кој како држава се грижиме за децата кои имаат потреба од долгорочна социјална грижа, со ова на секое дете му овозможуваме услови за правилен раст и развој, што е основно човеково право“, изјави, по тој повод, Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Дехран Муратов
фотографија: Б. Јордановска/ЦИВИЛ