Според СДСМ, економските мерки, предводени од оваа Влада, даваат резултат и се зголемува економскиот раст и повеќе пари завршуваат кај граѓаните и кај компаниите.
„Тоа го потврдува уште еден податок. Во 2018 Министерството за финансии извршило поврат на ДДВ во вкупна вредност од 375,6 милиони евра. Во апсолутни бројки, минатата година назад во компаниите завршиле 60 милиони евра повеќе отколку во 2017 година. За разлика од претходните години на пример, кога поради криминалните политики на ВМРО ДПМНЕ, не се исплаќаше навреме, доцнеше и фирмите беа под притисок, денес повратот на ДДВ се реализира навремено и неселективно. Брзиот и неселективен поврат на ДДВ кон фирмите ја подобрува ликвидноста во стопанството, а со тоа се стимулираат инвестициите и отворањето на нови работни места“, стои во соопштението на СДСМ.
Тоа се совпаѓа со податоците и од Министерството за финансии. Според нив, заклучно декември 2018 година, Министерството за финансии изврши поврат на вкупно 23,1 милијарда денари (375,6 милиони евра). Тоа е за 3,7 милијарди денари (или 60 милиони евра) повеќе во однос на претходната година, или за 19,3% повеќе.
За редовен и автоматски поврат на ДДВ кон фирмите и пребивање на претплата на даноци кон сите даночни обврзници, Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање.
„Со брз и неселективен поврат на ДДВ кон фирмите, се подобрува ликвидноста во стопанството, а со тоа се стимулираат инвестициите, отворањето на нови капацитети и нови работни места“ – изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.
А. Петровска