Активистката Даниела Мирческа на панел дискусијата „Борба, не кафана“, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода укажа на неискористените права на жените, и своите искуства во таа насока.
Можев да ризикувам да ги набројам сите битни моменти во борбата за прават на жените, коишто сите ги знаеме, темата е навистина исцрпена, и зборувано е и зборувано… Вчера се случи една дискусија на Фејсбук, на којашто и Маја беше вклучена, и којашто ме натера да помислам дека нема потреба од тоа да ги набројуваме сите подвизи што сме ги имале дали како индивидуи или организирани во групи. Се појави еден лик на Фејсбук којшто праша кои се правата на жените што се ускратени, во Македонија. Кои се тие права за кои вие денес се борите… Неговиот став беше дека ова веќе не е борба, туку дека е некакво беспредметно кукање на темата, дека прават ви се загарантирани со закон, што чекате, земете си ги!
Јас станав мајка во 2010 година, во 2014 веќе бев мајка на дете со посебни потреби, во 2016 станав самохрана мајка… Тоа и не беше толку тажно како што звучи сега, затоа што во исто време почнав да работам на еден проект на Уницеф, којшто нудеше поддршка на семејствата на лицата со посебни потреби, и тоа го работев некои четири години. За волја на вистината, здружението го започнавме пет жени, пет мајки, и сета комуникација околу поддршката на семејствата се одвиваше помеѓу мајките. Едноставно така беше, дали е тоа добро или лошо, останува на времето да се види. Во тие неколку години запознав извонредни мајки, извонредни жени коишто имаат знаења буквално да ве затрупаат, а не излегле од дома буквално дваесет години. Тогаш запознав една 60 годишна мајка којашто се грижеше за својот 30 годишен син, која што имаше едвај 50 кг. А нејзиниот син имаше повеќе од 100 кг. И таа правеше се околу него, го повива, го храни и така натаму, и јас и велам зошто не побара од мажот и да и помогне… И таа ми вели: Па тој не знае како. Тој никогаш не го правел тоа во животот. Јас не сакам да ја нагрдам постапката на таткото, не дека некој му забранил, туку немал никогаш можност. Од тука ќе се вратам на почетокот, да, ги имаме правата, но до кој степен ги користиме, вака закопани во традиционализам? Да, постојат законите, регулативите, коишто ги регулираат тие права и обврски, но што кога и самите институции не ги почитуваат? Токму на таа фејсбук дискусија имаше еден таков момент, вели – кои права ти се ускратени? Велам, ускратени ми се правата кога сум со ќерка ми во болница, не можам да одам дома да се истуширам. Затоа што на детска клиника смеат да лежат само мајки, само жени. Не постои таков правилник, и со закон не е забрането таткото да лежи на детска клиника, но тоа е апсолутен нонсенс, не смееш ниту да прашаш. Додека е детето во болница, 24 часа си со детето во болница. Јас знам дека во тие моменти сум и најпотребна на ќерка ми, никогаш не би ја оставила, на ниту една секунда. Но сакам, кога ќе ми биде потребна одмена, таа опција и да постои, и институциите да не ми ја забрануваат. Ќе признаам дека не сум оставала доволно простор за некој друг да дојде да ја превземе мојата улога и сум мислела и се уште мислам дека го правам најдобро тоа што го правам. Можеби треба и ние да оставиме некаков простор за да се случат промени. Промените кај нас тешко одат, овој народ на некој начин се плаши да биде слободен, да биде независен, да оди и да го земе тоа право, да го употреби, да направи нешто од него. Борбата не е нешто што има некаков момент на завршување и некаков крај. Со самото актуелизирање на овие теми што ги држат жените во своите микросредини, на некој начин репресирани, дали од традицијата дали од нивните семејства, дали од самите нивни очекувања од самите себе… Потребно е да ги актуелизираме тие теми затоа што жената која што ја спомнав на почетокот на ова излагање, денес има преку 65 години, нема ниту еден ден стаж, нема право на пензија, нема право да поднесе барање за кредит во банка… Тие се правата што ова општество ни ги има оставено на располагање.
Обработка на текстот: Дијана Тахири
Камера: Дехран Муратов
Монтажа и фотографија: Биљана Јордановска