Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го доби мандатот за составување нова влада од претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Врз основа на член 84, согласно член 90 од Уставот и предлогот на коалицијата „Можеме“, за мандатар за состав на влада го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието“, изјави Пендаровски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција пред партискиот штаб денеска обвини дека со доделувањето на мандатот Уставот е прекршен, а дел од таквиот чин, според него, сега е и претседателот Пендаровски зашто на Заев му го дал мандатот без тој да му приложи доказ дека обезбедил мнозинство.
Според Мицкоски, со доверувањето на мандатот, целта на Пендаровски е да му овозможи уште 20 дена преговарање на Заев за влада.
Мандатот, оцени Мицкоски, е узурпиран и со ова продолжува праксата на кршење на Уставот.
„Од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски денеска беше прекршен Уставот. Без никаков доказ кој е неопходен за поседување парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник, тој го додели мандатот за состав на нова влада на пратеникот Зоран Заев. Без доказ, без потврда дека поседува мнозинство, Пендаровски го додели мандатот за состав на нова влада. По кои критериуми Пендаровски одлучи мандатот да го додели на партија и човек кој не достави доказ дека поседува мнозинство во Парламентот. Мандатот без доказ може да се додели и во рацете на ВМРО-ДПМНЕ кое освои најмногу пратеници во македонскиот блок или на ДУИ, ДПА, Левица, Алијанса, Алтернатива или на која било друга политичка партија која е во Парламентот“, рече Мицкоски.
Мицкоски со партиската пратеничка група попладнево во 15:30 часот побараа и добија средба кај Пендаровски во вила Водно, каде бараа од него да им ги соопшти аргументите и доказите врз основа на кои му го додели мандатот за формирање нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„По она што денес се случи, а тоа е неуставно доделување мандат на пратеник, кој нема докажано мнозинство во рамки на парламентот, имавме средба со претседателот Стево Пендаровски. По час и половина дискусија, заклучивме дека денеска Зоран Заев изразил уверување дека ќе работи на создавање паралемнтарно мнозинство“, изјави Мицкоски, по средбата со Пендаровски.
„Истовремено како се менуваше Изборниот законик на ден пред почнување на изборната кампања со што СДСМ беше фаворизирана. Истото денес го стори Пендровски со доделување мандат на лице кое нема во моментов парламентарно мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ од овој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со Стево Пендаровски и ќе ги преиспита политиките кои ќе ги води во однос на кабинетот. За жал, се приватизирани институциите за личен и партиски интерес“, рече Мицкоски.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа пред вилата на Водно, не сакаа да одговорат на прашањата екипата на ТВ21.
„Тие кратко не упатија да го чекаме партиското соопштение“, пишуваат од ТВ21.
А. Петровска