Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Од СДСМ велат дека средбата во Унгарија, всушност е за Мицкоски да отиде на консултации во Будимпешта, кај неговиот ментор, шеф и главен финансиер, Никола Груевски.
Од ДУИ велат дека нивните градоначалници ќе имаат отворена врата за граѓаните.
СРЕДБА ИЛИ КОНСУЛТАЦИИ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски остварија средба со премиерот на Република Унгарија и претседател на сестринската партија ФИДЕШ, Виктор Орбан.
„На средбата беше отворено прашањето за мигрантскиот бран и состојбата на јужната македонска граница, при што Мицкоски ја отслика состојбата со авганистанските бегалци во Македонија. Соговорниците разменија мислење и ја потенцираа важноста за поддршка на заеднички иницијативи како што е Иднината на Европа, кои ќе овозможат перспектива и нови можности.
Од страна на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски беше посочено дека Македонија и македонскиот народ заслужуваат отворање на процесот на преговори, затоа што реформските политички сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ многу скоро ќе имаат можност да спроведат брзи и итни чекори за приближување до европските стандарди“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека пред секои избори, Мицкоски или некој од партијата мора да отиде во Будимпешта, кај неговиот ментор, шеф и главен финансиер, Никола Груевски.
„Минатата година, пред изборите Мицкоски исто така беше во Будимпешта. Ако тогаш отиде за Груевски да му ги состави листите за пратеници, дали сега Мицкоски отишол по пари за кампања за овие избори?
Очигледно е дека Мицкоски не може да излезе од матрицата на Никола Груевски, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ се уште е раководена од Будимпешта. Затоа на овие избори, нереформираната ВМРО-ДПМНЕ и нејзините погубни политики уште еднаш ќе бидат поразени од граѓаните“, велат од СДСМ.
ОТВОРЕНИ КАНЦЕЛАРИИ
Демократската унија за интеграција (ДУИ), денеска објави дека нивните градоначалници ќе имаат должност да ги држат вратите на своите канцеларии отворени, со што ќе го стават граѓанинот во првиот фокус.
„Дами и господа, ова е токму зелената агенда, како подобар квалитет на живот за сите граѓани, бидејќи така сакаме да се управуваат со нашите општини. Што значи агендата за отворени врати? Градоначалниците на нашите општини се на услуга на граѓаните и нашите општини им припаѓаат на граѓаните. Не смее да има затворена врата за маките на граѓаните. Сите граѓани ќе имаат целосен пристап до градоначалниците бидејќи општината е нивна“, истакна Бујар Османи, портпарол на ДУИ.
Д. Муратов