Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека нема да присуствува утре на чествувањето на Илинден на Мечкин Камен во Крушево. Тој најави дека традиционално 2 Август ќе го помине во населеното место Ташмаруништа, во близина на Струга.
За новиот концепт на прослава на Илинден инициран од претседателот Стево Пендаровски, тој го нараче импровизирано чествување на најголемиот празник на македонскиот народ, кој според Крушевскиот манифест, вели, е и празник на нашите сограѓани без разлика на етничката припадност.
– Дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски нема да биде делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски пред состанокот со партијата Демократски сили на Ромите нивен коалициски партнер по повод соработката на претстојните локални избори.
Претседателот Стево Пендаровски ги покани претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и сите лидери на политички партии застапени во Парламентот заеднички да го прослават Илинден – Денот на Републиката во Крушево на централна прослава. Замислата е дека со овој начин на прослава ќе се постигне поголема сплотеност и ќе се овозможи вистинско честување на Илинден како симбол на обединување.
Од кабинетот на Претседателот Пендаровски со реакција на изјавата на Мицкоски.
„Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата „Св. Никола“.
Меѓутоа, имајќи го во предвид фактот дека според Мицкоски чествувањето на Илинден во Крушево на 2 Август ќе биде „циркуски церемонијал“, тогаш не изненадува неговата одлука најголемиот македонски празник да го чествува во Ташмаруништа, наместо во Крушево. Најверојатно затоа што борбите кои се водени во тој крај се далеку позначајни од борбите за ослободување на Крушево со кои се удрени темелите на македонската држава.“, се вели во реакцијата на Пендаровски.












