Зоран Заев да поднесе оставка, да се формира техничка влада, распуштање на парламентот и предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските избори – тоа е, накратко, списокот на желбите на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ што пред неколку се „закити“ со уште една (анонимна) фракција. Мицкоски, практично, бара пенал без голман, но како на тоа реагира владејачката СДСМ?
Мицкоски пред новинарите, меѓу другото, изјави: „Она што денеска Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но потоа и Централниот комитет на партијата го потврди е дека, во текот на утрешниот ден, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“, ќе поднесат во парламентот барање Претседателот на Владата, Зоран Заев, веднаш да си поднесе неотповиклива оставка и формирање на техничка влада. Истовремено, ќе поднесе иницијатива за распуштање на парламентот и организирање на предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските избори, на ист трошок, за сите оние тези кои што ги имаше Зоран Заев и јуришниците околу него да бидат изведени на површина и да ја видиме вистинската нечестита намера на Зоран Заев и СДСМ.“
Според Мицкоски, за кратко време, двете раководни тела на партијата, едногласни како и секогаш, донесуваат ист заклучок: дека сакаат да одат на избори, но претходно премиерот да си поднел оставка. Тие ја анализирале состојбата во земјата и заклучиле дека таа не е добра.
Затоа, според Мицкоски, „ВМРО-ДПМНЕ сака да го спречи пеколниот план за уништување на Република Македонија и за уништување на Македонецот во Македонците од Зоран Заев и групата околу него. Знам дека денеска веднаш по завршување на оваа прес конференција, до ова обраќање до граѓаните на Република Македонија, ќе излезе кујната за лаги и манипулации на Зоран Заев и ќе кажува дека ова се некакви мрачни сценарија итн. Но, јас повторно ќе кажам, ние имаме детална анализа на тоа што се случуваше, целосна антиципација на тоа што ќе се случува. Македонија, практично, под владение на СДСМ и Зоран Заев, престанува да постои и затоа на денешната седница на Извршниот и Централниот комитет беа изнесени сите информации и сите факти кои што ги имаме како раководство и како политичка партија со кои што располагаме.“
СДСМ со експресна, кратка и ладна дисквалификација: „Христијан Мицкоски е во паника поради влезот на Македонија во ЕУ и НАТО, а токму влезот во НАТО и растот на платите се најголемиот пораз за антизападниот Мицкоски. На агендата на Владата предводена од СДСМ се странски инвестиции, поврат на ДДВ за физички лица, раст на плати и нова победа на следните избори. Влада која сите свои капацитети ги вложува во силна економија и која создава шанса за сите граѓани не размислува за оставка, туку за интерсите на граѓаните. Економскиот поход на Владата предводена од СДСМ го тера Мицкоски на панични партиски реакции затоа што тој размислува само за својот и за интересот на неговите антизападни ментори. После поразот на следните избори, нека размислува за сопствената оставка.“
Набрзо ќе се увериме дали Мицкоски и неговите антизападни ментори, за кои веќе сосема отворено се говори во јавноста, со бранувањето на крајот на викендот сака да ја скрие паниката во редовите на партијата или подготвил нешто ново во својата сѐ потесна политичка кујна. Или и двете.
Џ. Д.