Христијан Мицкоски, за денес свика седница на Извршниот комитет и состанок со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во текот на денешниот ден, тие ќе заседаваат за актуелната состојба поврзана со уставните измени. Од партијата брифираат дека се изложени на жестоки притисоци од власта и премиерот Зоран Заев за обезбедување на мнозинство за гласање на уставните промени.
ВМРО-ДПМНЕ преку портпаролот Наум Стоилковски денеска на прес-конференција ја обвини власта дека во изминатите 24 часа се врши жесток притисок со пари и ветувања над пратеници за прифаќање на уставните измени.
„Македонија е жртва на личната желба за спас на политичката кариера на Заев, а за Македонија тоа значи погазено достоинство и сменето име. Изминатите 24 часа власта врши жесток притисок за прифаќање на уставните измени. Во игра се пари, ветување за избегнување на политички прогон, се со цел гласање на уставните измени. Според непотврдени информации, поранешни функционери од нашата партија се ставени во функција да убедуваат нивни роднини и пријатели да гласаат за уставните измени“, вели Стоилковски.
Ј. М. П.