Меѓународниот ден на младите, 12 август, со резолуцијата 54/120 на Обединетите нации во 2000 година е усвоен со цел постојано да се унапредува положбата на младите во општеството.
Целта е вклучување на младите во општетвото како клучен фактор за градење и одржување на мирот и безбедноста, но и нивно активно учество во политичките, економските и социјалните процеси.
Меѓународниот ден на младите ширум светот се одбележува со концерти, културни настани, средби на младите со претставници на национални и локални власти и низа други активности. Оваа година поради пандемијата со Ковид-19 овие активности ќе се одвиваат најмногу онлајн.
Денеска Младинискиот образовен форум во кафе -бар „Шортбас“, со почеток во 12 часот организира едночасовна дискусија насловена „Замисли си желба за квалитетна младинска политика“. Настанот ќе вклучи 5 говорници од: МОФ, ХЕРА, Универзитетско студентско собрание, Го Грин и Националниот младински совет.
„Покрај тоа што е Интернационален ден на млади, оваа година на 12-ти август најјасно ќе може да се забележи метеорскиот дожд на Персеидите, па одлучивме да ја искористиме метафората – замислување на желби за подобри младински политики и поактивно вклучување на младите во овие прашања, особено во период формирање на нова влада, законодавен дом и надлежни ресорни министерства“, соопштуваат од МОФ.
Дискусијата ќе опфати теми важни за младите, почнувајќи од квалитетно образование, вработување и отселување, сексуално образование, па се до ментално здравје, и младинско учество. Идејата е да се изработи листа на препораки кои ќе се достават до надлежните институци од новата Влада и Собранието како ново-конституираниот законодавен дом.
Темата на Меѓународниот ден на младите оваа година е „Младински ангажман за глобално дејствување“ со цел пронаоѓање начини на ангажираност на младите луѓе на локално, национално и глобално ниво за подобрување на национални и мултилатерални институции и процеси, како и добивање дополнителни знаења за тоа како може значително да се подобри нивната застапеност и вклученост во формална институционална политика.
Б. Ј.