ВЕСТ НА ДЕНОТ
Од ММФ го поздравија доброто водење на економските политики, мерките помогнаа да се задржи вработеноста
Економското опоравување се очекува да продолжи во 2022 година, кое ќе биде движено од силната домашна побарувачка. Силната поддршка преку политиките го ублажи влијанието од пандемијата врз економијата. Буџетот за 2022 година продолжува да ја поддржува економската активност и соодветно го намалува трошењето поврзано со пандемијата. Инфлацијата ќе почне да се намалува во втората половина на следната година и ќе се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа. Ова се суштинските поенти во Изјавата на Мисијата на ММФ објавена по завршувањето на консултациите во врска со член 4 од Договорот со ММФ, соопштуваат од Министерството за финансии.
ИЗЈАВИ НА ДЕНОТ
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека нема да биде дел од новата Влада
– За жал, мојот впечаток е дека од тие лекции не ги научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме, и затоа мислам дека единствената чесна и принципиелна одлука е да не учествувам во следната Влада, нагласи Шекеринска. Потенцира дека во изминатите четири и пол години, таа, како и другите нејзини колеги, и служела на државата, и се оддолжила за голема доверба добиена од граѓаните, со членство во НАТО и најбрза воена интеграција од страна на која било кандидатка членка на Алијансата. И она што за неа било особено важно, апсолутно променета ситуација во нашата Армија.
Ели Чакар, државна советничка во министерството за локална самоуправа на панелот на ЦИВИЛ „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“.
„Кога зборуваме за важноста и улогата на локалната самоуправа, сакам да издвојам еден податок за илустрација. Во демократските децентрализирани држави, како што претендира и нашата да биде, 75 отсто од националното законодавство се имплементира на локално ниво. Овој податок, сам за себе кажува колку е важна капацитетноста на локалните власти и воопшто на локалната самоуправа, за спроведување на националните политики, но исто така, и за креирање и спроведување на сопствени, локални политики коишто ќе придонесат за создавање на поинклузивно и поинтегрирано општество, во коешто секој граѓанин ќе се чувствува, и ќе го има чувството на припадност, одговорност, но и на значајност во таа заедница. Без разлика дали станува збор за локална или заедница на национално ниво.“
ФЛЕШ ВЕСТИ
ФИНАНСИИ Тимот на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува еконмскиот раст во државава да се зголеми од 4 проценти годинава на 4,2 проценти во догодина, главно поттикнат од големата домашна побарувачка. Очекува инфлацијата во 2022 година да биде 3,9 проценти во просек и да се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа, а фискалниот дефицит да се намали на 4,3 проценти од БДП во 2022 година, од 5,9 проценти во 2021 година.
ВЛАДА Од Владата на Република Северна Македонија соопштуваат дека на денешната 128 седница се донесени повеќе одлуки и заклучоци кои се однесуваат на договорите и меморандумите што треба да бидат потпишани на претстојната сесија на иницијативата „Отворен Балкан“ којашто е предвидено да се одржи на 22 декември во Тирана, а коишто се однесуваат на остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во Северна Македонија, Албанија и Србија, како и на соработката на царинските и фитосанитарните управи на овие земји.
АНТИКОРУПЦИЈА Државната комисија за спречување на корупција на денешната 57-ма седница соопшти дека ќе постапува по анонимна пријава за заменичката на генералниот директор на АД „МЕПСО“, Ева Шуклева, која, според изнесеното, откако е на функција нема поднесено анкетен лист.
БЕЗБЕДНОСТ Преземеме сериозни активности во насока на борба против тероризмот или спречување на какви било активности коишто би можеле да предизвикаат загрозување на безбедносната состојба. Во овој момент нема никакви индикации за какво било нарушување на безбедносната состојба во државата, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ЗЕЛЕНИ Mинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и раководителот на Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП) од Виена, Харалд Егерер, денеска го отворија воведниот состанок за ГЕФ/УНЕП проектот „Зачувување на биолошката разновидност, одржливо управување со земјиштето и развој на одржлив туризам во Северна Македонија“ (GEF7), најавувајќи ја неговата подготвителна фаза.
ДОНАЦИИ Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, денеска во Охрид за потребите на пациентите од Охридскиот регион присуствуваа на предавањето на апаратот за магнетна резонанца што ќе функционира во Специјалната болница за ортопедија и травматологија „Свети Еразмо“. Во Општа болница во Кичево денеска, во присуство на министерот за здравство Венко Филипче, амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир, амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп и градоначалникот на општина Кичево Фатмир Дехари, свечено беше предаден во употреба новиот томограф, високо софистициран дијагностички апарат, еден од петте набавени со средства на ЕУ.
АЛТЕРНАТИВА Предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на Алтернатива Африм Гаши да биде мандатар за состав на нова Влада, наместо новиот лидер на СДСМ Димитар Ковечевски, за Алтернатива е неприфатлив од причина како што велат за МИА, партијата е дел од еден друг процес.
– Му благодариме на господинот Мицкоски за изразената почит кон претседателот Африм Гаши, но Алтернатива моментално е во еден процес кој е во тек и се уште не е завршен. Во овој период немаме причина и не можеме да зборуваме за ништо друго.
ГРАД СКОПЈЕ Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска истакна дека тие немале договор со Алијанса за Албанците и Алтернатива, околу тоа „кој и колку претпријатија ќе земат“.
МАРШ НА ЦРВЕНИТЕ ЧАДОРИ По повод 17 декември, Меѓународен ден за стоп на насилството денеска по 14-ти пат се одржа марш на црвените чадори кој почна од спомен куќата на Мајка Тереза, а заврши на плоштадот „Филип II“. Сексуалните работници бараат итна и неодложна декриминализација на сексуалната работа во земјата и признавање на човековите и работничките права.
АКЦИЈА
Европски вредности во Стара скопска чаршија и на плоштадот „Македонија“
Активист(к)ите на ЦИВИЛ денеска одржаа инфо-штанд посветен на промоција на европските вредности и интеграции, на плоштадот „Македонија“ и во Старата скопска чаршија.

На инфо-штандот, тимот на ЦИВИЛ во директна комуникација со граѓанките и граѓаните имаше можност да слушне и сподели размислувања и ставови во однос на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата.
ИНТЕРВЈУ
На панел – дискусијата „Едно општество за сите – сегашност и перспективи“, која се одржа на 15 декември 2021 како дел од годинешното издание Конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2022“, преку специјално интервју на оваа тема учествуваше и министерот за правда во Владата на Северна Македонија, Бојан Маричиќ.
Каква е состојбата со спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“? Каде има напредок, кои се слабостите и предизвиците? Кои се очекувањата, препораките и прогнозите за 2022 година? Овие прашања им беа поставени на сите учесници на панелот, претставници на институциите и граѓанскиот сектор од неколку ресори и области.
МУЛТИКУЛТУРА
Џелал Хоџиќ – заменик директор во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, панел дискусија на ЦИВИЛ „Едно општество за сите – сегашност и перспективи“, која се одржа на 15 октомври, вели дека е многу важно да функционира Агенцијата за правата на помалубројните заедници. Агенцијата годишно ќе доделува околу 2 милиони денари за поддршка на невладините организации на помалкубројните етнички Аедници. Тој нагласи дека ја обновиле соработката со ОБСЕ.
Марина Тунева – извршна директорка на СЕММ и експерт, вели дека за овие прашања треба да се разговара во континуитет.
„Интеркултурализмот бара одговорност од сите. Без да се прифати и индивидуална одговорност сметам дека нема да постигнеме значителни резултати во однос на спроведувањето на концептите и идеите за интеркултурализам. Треба сите да придонесеме за успешно спроведување на Стратегијата, треба колективно дејство кое ќе ни помогне да ги подобриме состојбите и пред се да почнеме со отфрлање на предрасудите, стереотипите, дискриминацијата, говорот на омраза…“, вели Тунева.
Лулзим Хазири од Асоцијација за демократски иницијативи – Гостивар, на панелот на ЦИВИЛ „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“.
„Драго ми е што и граѓанскиот сектор зема обврска да ја промовира Стратегијата „Едно општество за сите“, бидејќи ценам дека сите дадовме свој придонес во креирањето на оваа стратегија, и истата треба да биде дел од нашите секојдневни активности, односно да биде дел од активностите на граѓанското општество. Доаѓам од Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар, која веќе 28 години е позната по својата работа во насока на заштита и промовирање на човековите права, а во последно време со промовирање на концептот на мултикултурализмот, односно разликата што ја направи интеркултурализмот, бидејќи цениме дека тоа е поинтерактивен концепт на делување од мултикултурализмот, кој е една состојба.“, вели Хазири.
СЛОБОДНА ЗОНА
Доколку, макар за момент, се апстрахираме од политикантскиот фолклор на дневната политика и во Скопје и во Софија и шумот што тој фолклор го предизвикува по социјалните мрежи и во медиумите во двете земји – вклучително и сите малубројни добронамерни гласови кои повикуваат на разум во бугарско-македонските односи – анализата на причините за второто бугарско вето на последниот европски самит не изгледа нелогично. Ако се гледа од бугарска страна.
Имено, за да не навлегуваме во познатиот историјат на спорот во последната година-две (а, уште помалку во последните 100+ години), доволно е да се каже дека, од меѓународна гледна точка, на изненадување и на своите евро-американски партнери, Бугарија посегна по „очајничката мерка“ за примена на вето (тоа, во принцип, е знак за очај), прво „во најава“, а сега и дефинитивно, во блокирањето на македонската (и албанската) европска перспектива, во обид да ги заштити своите „национални интереси“, така како што самите ги дефинираат. Наидоа на општа, па и непријатна осуда и притисок од, за сега, сите свои (а и наши) меѓународни партнери, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „ Времето работи за Бугарија“.
Босна и Херцеговина е во најголемата општествена криза после војната и Дејтонскиот мировен договор. На сите им е јасно дека Дејтонскиот мировен договор донесе мир после страшната војна, но донесе и компликуван систем кој е пречка за побрз развој на државата. Многуте нивоа на разни власти, прегломазната администрација и многуте можности секоја страна да може да блокира било што, подразбира дека огромно мнозинство од одлуките мора да се носат со консензус на сите страни. Една држава, два ентитета, плус дистрикт Брчко, уште 10 кантони во еден од двата ентита, дополнително голем број на општини во целата држава, јасно е дека се премногу нивоа на власти за држава која на последниот попис има само 3,5 милиони граѓани, анализа на Џелал Хоџиќ „БиХ на раскрсница, евроатлански интеграции или нов конфликт“.
Д.Мишев












