пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Да нема забуни, зборуваме за промена на образованието која требаше да биде направена пред 30 години. Во моментот кога ги променивме политичкиот и економскиот систем, кога го променивме односот кон концептот за основните човекови права и слободи и кога и ја променивме основната вредносна рамка на секојдневното живеење. Тогаш требаше да направиме и системска промена на образованието.
За да не дојдеме во ситуација на неколку изгубени генерации.
Не зборувам тука за нужно изгубените генерации кои ги има при секоја промена на политичкиот систем, туку за оние кои можевме да ги образуваме во духот на новиот концепт кој како држава го прифативме. А не го направивме.
Не е точно дека 30 години правиме реформи, дека луѓето се уморни од реформирање. Во Македонија не е направена системска промена и нашето образование сè уште е она истото со мали козметички промени кои само ја замачкуваат истоветноста.
После долго време и испуштени голем број моменти имаме шанса да направиме нешто. И јас мислам дека треба да го зграпчиме моментот. Да ја искористиме можноста веднаш и потполно. Можеби нема да ни се укаже друга. Барем не во блиска иднина.
Направени се истражувања, собрани се податоци, направени се пилот проверки. Многу проекти и многу пилот испитувања. Кои укажуваат на тоа: што и како и каде и колку. Редно е да ја направиме и системската промена.
И јас гледам добра основа во понудената концепција.
Не велам дека е совршена. Таман работа. Совршена сум само јас. Ама тоа не е предмет на оваа расправа.
Меѓутоа, оваа и ваква концепција е токму она што ни е потребно во моментов.
Прво и најважно, во концепцијата ја гледам Конвенцијата за правата на детето. Во сета нејзина комплексност. И тоа е солидна основа за развивање на промената.
Го гледам најдобриот интерес на детето и детето во центарот на образованието. Некогаш дури и наспроти интересите на возрасните.
Гледам можност за создавање систем во кој секое дете ќе го достигне максимумот на својот сопствен потенцијал. Секое. Без исклучок. Без дискриминација, а со почитување на различноста. Не продуцирање мали ајнштанчиња или соодветна работна сила или послушни граѓани.
Можеби пред да ја погледнеме концепцијата треба да се потсетиме дека станува збор за деца од 6-15 години кои не навлегуваат во длабочините на научната мисла и спецификите на научните дисциплини. Не. Децата ги учиме како функционира светот во кој се нашле (не по свое барање, ниту по своја вина). Основното образование е првично упатство за живеење во пошироката заедница. Тоа е прв прирачник за ориентација во времето и просторот и опстанок во актуелниот момент.
Ориентацијата на образованието кон теми и концепти кои се осознаваат од различни перспективи и му овозможуваат на детето да научи да бара и дава информации, да анализира и критикува, да гради сопствено мислење и ставови за светот кој го запознава, наместо учење предмети затворени во сопствените рамки според мене е нешто кое оваа концепција само го навестува. На тоа ќе треба многу да се работи. За да се постигне основната цел: градење на одговорни граѓани кои ќе живеат во слободно општество (како што стои во членот 29 од Конвенцијата за правата на детето).
Условите за работа, платите на наставниците, нивното задоволство од работата, напредувањето во кариерата се многу важни работи. Исто како и програмите, плановите и организацијата на работа. Меѓутоа, тие не се целта кон која треба да се движиме, туку дел од патот кој треба да го изодиме.
Концепцијата е сложена. Тоа е неспорно. Може да збуни. Секој од деловите е вклопен во многу софистицирана машинерија која треба да ја ставиме во погон. Сигурно на почетокот ќе има и застои, и запирање во работењето и испуштање чудни звуци. Меѓутоа, ветува дека ќе не’ однесе подалеку од местото на кое сега се наоѓаме.
И да не заборавиме.
Во моментов, цел свет е во процес на реформа на образованието. Државите се ориентираат кон промени. Наместо да каскаме зад останатите, да ги изодуваме веќе изодените патишта и да ги повторуваме веќе направените грешки, можеби е време да почнеме да размислуваме еден, два, три чекори понапред. Да станеме рамноправен дел од процесот на промена.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторката.