Корупцијата не е обично подмитување или судир на интереси или непотизам. Корупција е секоја употреба на моќта која произлегува од јавна функција за лична корист. И, корупцијата е смртоносна.
Корупцијата значи апсолутна општествена несигурност. Дали ЕВН нѐ краде и тоа се замачкува затоа што има дил со политичарите или не? Дали БЕГ успева на сметка на граѓаните да ги истурка правилата кои нему му погодуваат со дебелите врски со власта? Дали Дрисла ги труе граѓаните затоа што некој во власта има корист од тоа? Дали се делат градежни дозволи и се изработуваат урбанистички планови на штета на граѓаните затоа што некој во власта има корист од тоа? Дали се продава државно земјиште на штета на граѓаните затоа што некој во власта има корист од тоа? Дали се дозволува отворање рудници и каменоломи на штета на граѓаните затоа што некој од власта има корист од тоа? Дали некој во власта или близу до неа го вработил своето дете или сопруга или сестра или близок пријател и со тоа ја загрозил професионалноста на институциите? …
Корупцијата значи лекови со изминат рок и храна со тешки метали и лош градежен материјал во станбени објекти и исечени дрвја и загадени води и слабо образование и лоши судии и …
Корупцијата е чудовиште со огромна моќ, оној Баш Челик од приказните чија моќ се наоѓа скриена зад седум реки и седум ридишта и седум мориња во една лисица во која се наоѓа птица – е па во таа птица е моќта која треба да биде уништена.
Кога имаш вака моќен противник, ти не отвораш работно место и не распишуваш конкурс на кој се јавуваат сите заинтересирани. Не е доволно некој да сака и да мисли дека може, па дури не е доволно и некој да знае. Ти требаат исто толку моќни борци кои се искалиле во повеќе битки, кои покажале дека не потпаѓаат под влијание, кои го дигнале гласот тогаш кога повеќето молчеле. Ти требаат борци, а не службеници.
Зад именуваните членови на Комисијата мора да има солиден стручен апарат кој ќе собира податоци, кој ќе ги обработува, селектира и анализира. Меѓутоа, ударниот дел треба да го сочинуваат познати и препознатливи индивидуи, кои не само што знаат и умеат, туку и од кои ќе се плаши секој властодржец.
Сѐ додека не добиеме ваков состав на комисијата, борбата со корупцијата ќе остане само шарада со која се залажуваат граѓаните, а корупцијата ќе продолжи да убива. Бидејќи денес веројатно избраните членови на Антикорупциска – не се тоа, ни останува да „почекаме“…
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.