Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Во јавноста владее тотален молк, никој од оние граџан(к)и што беа „некако како потресени“ кога ја слушнаа поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска дека „Циган по циган за уши ќе ги носи на гласање“, денес молчат за „бомбата“ за владиниот генерал(ен) секретар Драги Рашковски, каде што Италијаните ги нарекува Цигани.
Гледам се јавија со реакција од Демократски сојуз на Ромите, на Шабан Салиу, кои во времето на владеењето на Никола Груевски, кога „пукаа бомби за Циганите“, не беа тука, беа у „подрум“, или со други зборови – молчеа! За иронијата да е уште поголема има реакција и од ВМРО-ДПМНЕ. Да не е трагично ќе беше смешно!
Тогаш, пратеникот Амди Бајрам од СРМ во медиумите изјави дека зборот „Циган“ не е навредлив за Ромите, односно Јанкуловска тоа го кажала во ефект (афект). Може и денес, (кога веќе нема критика и реакција) тој или некои други коалициони партнери од ромските политички партии истото да го каже и за Рашковски, само треба да одберат медиум. Ама тоа треба да им текне на владините ПР-стручњаци.
Туку, мене Италија ме асоцира на: Моника Белучи, Андреа Пирло, Јувентус, Ерос Рамацоти… Воопшто не мислам на Мусолини, Салвини… кои сите знаеме какви мислења имаа(т) за Ромите или како што вели Рашковски – „Циганите“.
А како за информација „Цигани“ се и легендарниот актер Чарли Чаплин, актуелниот светскиот шампион во бокс, Тајсон Фјури, пејачката Есма Реџепова…
Генерал(ниот) секретар Рашковски вчера транспарентно си призна дека е негов гласот на аудио-снимката и „до небо“ им се извини на сите кои беа навредени и најави тужба за повеќе лица и портали. Како беше онаа изрека: „Само глупоста и вселената немаат граници“?
Би додал и комотното столче и привилегии, во овој случај.
Во неколку наврати истакнав дека власта нема доверба во квалитетот на ромската заедница, по оваа „бомба“ на владиниот генерал(ен) секретар, се потврдува дека Ромите се гледаа(т) како втора категорија на граѓан(к)и, односно дека се множат со нула. Едно општество за сите… ха-ха-ха!
П.С. Генерал(ен) владин секретару Рашковски – извинувањето не ти е прифатено!