Непознати лица со молотови коктели синоќа го нападнале домот на пратеничката од СИРИЗА ,Теодора Ѕакри, додека во него било нејзиното семејство во грчкиот град Јаница.
Во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА, Ѕакри вели дека станува збор за убиствен напад за кој одговорни се „политичките сили чија антипатија ја подели земјата и им даде право и комфор на секој фашист и убиец да излезе и да се чувствува силен“.
За нападот, преку неговиот официјален Твитер профил реагираше грчкиот премиер Алексис Ципрас кој напиша дека на почетокот беа заканувачките пораки до пратениците, потоа плакатите, па обидот за упад во Парламентот, „за да стигнеме до потпалување на домови на пратеници“.
„Оние кои што се прават дека не гледаат, не слушаат, не разбираат, носат голема одговорност“, напиша Ципрас.
Нападот го осудија и од опозициската Нова демократија.