Министерот за образование и наука, Арбер Адеми на денешната прес конференција најави доделување 3 типа парична поддршка на средношколците, студентите и млади до 29 години.
Со оваа мерка, рече Адеми, ќе се опфатат околу 100 илјади лица, а финансиската поддршка ќе изнесува 12 милиони евра.
„МОН заедно со Владата, Агенција за млади и спорт, веднаш пристапуваат кон разработка на оперативен план за усвојување на поддршката. Начинот на кој ќе се аплицира ќе биде соопштено во следните денови. Се планира помошта да можат да ја добијат до крај на месец јули“, изјави Адеми.
Првата мерка е ваучер од 6.000 денари, а тоа ќе биде помош за покривање на партиципација за студирање на универзитетите и сместување во ученичките и студентските домови. Втората ќе биде домашна платежна картичка во износ од 3.000 денари кога ќе биде наменета за студенти и ќе се користи за купување на домашни производи, во дејности кои се најмногу погодени од кризата. Третата мерка, пак, е во вредност од 30.000 денари и е за младите до 29 години, а се однесува за кофинансирање на обуки, тренинзи и развивање на ИТ вештини кои се барани на пазарот.
П. К.