Како одговор на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Слаѓана Митовска, која во синоќешното издание на дебатната емисија „Економски магазин“, зборуваше за ефикасноста на додатокот за трето дете, МТСП соопшти дека таа покажала фундаментално неразбирање за системот и самиот термин „демографска мерка“.
„Повикувајќи се на растечкиот број на корисници, пратеничката тврди дека „мерката сама по себе има дадено резултати“, што е целосно погрешен заклучок. Напротив, и покрај зголемениот број корисници мерката не дава никави демографски резултати. Наталитетот во времето на ВМРО-ДПМНЕ драстично опадна и по воведувањето на мерката „трето дете”. Според податоците, наталитетот во Македонија во 2010 година бил 11,8, а во 2017 година 10,5. Оваа мерка имаше можност 10 години да се имплементира, но таа очигледно не дава резултати. Заедно со бројот на корисници на мерката, растат и трошоците на државата. И покрај фактот што наталитетот опаѓал, Владата потрошила безмалку 208 милиони евра за исплата на додатокот за трето и четврто дете. Сите овие податоци потврдуваат дека мерката за трето дете е неефикасна и лошо дизајнирана од самиот почеток“, се вели во соопштението на МТСП.
МТСП, како пример ги посочи семејствата во добра економска состојба што добивале додаток за трето дете. Она што социјалната реформа се обидува да го направи е еднакво општество за сите, и како што велат од МТСП, парите да се насочат кон оние граѓани на кои им се најмногу потребни.