Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска го посети централниот објект на системот „Безбеден град“ (Safe City), по повод почетокот на пробниот период во кој возачите ќе добиваат известувања за сообраќајни прекршоци регистрирани со технички средства.
Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите прекршоци документирани со камери, сензори и уреди за снимање ќе важат како валиден доказ во постапките. Во првата фаза системот ќе бележи брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање, а во следната е предвидено проширување на листата прекршоци.
Кога системот ќе биде целосно функционален, сопствениците на возилата за кои е регистриран прекршок ќе добиваат СМС порака и електронска пошта со линк за преземање записник со платен налог. Плаќањето ќе биде овозможено електронски, без дополнителни трошоци доколку се изврши навремено. За прекршоците со кои е пропишана мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка пред надлежен суд.
Само во првите 12 часа од пробното функционирање системот регистрирал околу 65.000 прекршоци – меѓу кои 2.800 минувања на црвено светло и 1.000 нерегистрирани возила. Овие бројки, како што порача Тошковски, ја потврдуваат неопходноста од ваков систем.
МВР најави дека тестирањето и унапредувањето на системот ќе продолжи, со цел негово целосно ставање во употреба во наредната фаза.












