„По реакциите во јавноста за упадот на дополнителниот – заменик министер од министерството за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во Подрачната Единица Берово и снимањето на вработените со што беше нарушена нивната приватност и лични податоци, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство се оградува од постапките на истиот“, соопштија од Министерството.
„Овие постапки не се пракса на функционирањето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, туку се личен акт на Трипуновски со кој не се согласуваме и остро го осудуваме.
Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е институција која во изминатиот период работеше на професионализација на својата администрација и хармонизација на односите помеѓу вработените, се со цел создавање на поволна клима за професионален однос, меѓусебна соработка на сите вработени а со тоа и давање на квалитетни услуги за земјоделците и целиот агро – сектор.
Апелираме дополнителниот заменик министер во МЗШВ Цветан Трипуновски да се воздржи од вакви дејствија со кои се врши директно нарушување на имиџот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, реагираат од МЗШВ.
Дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски, кој доаќа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вчера проверувал дали сите вработени во подрачната единица на министерството во Берово, се на работните места. За таа намена ангажирал снимател, а видео снимките ги дистрибуирше низ медиумите.
На вакватата постапка реагираше и Дирекцијата за заштита на лични податоци кои оваа постапка на Трипуновски ја оценија како неовластено снимање, па дури и мобинг.